"...Замислете каков краен производ/услуга ќе добиете доколку производство не го слуша маркетинг за барањата на пазарот, доколку маркетинг не ги слуша барањата на клиентите пренесени од продажба, доколку продажба не знае што производство планира следно да се прави со производот... Апсолутен хаос!..."

Picture
Биљана здраво и добредојде во Маркетинг Муабети. Скоро 2 години работиш како Маркетинг Специјалист во Seavus (целосен LinkedIn профил тука). Што точно подразбира работата на еден Маркетинг Специјалист и која е твојата улога во маркетингот на производите/услугите коишто ги нуди една фирма од профилот на Seavus?

Здраво, добро ве најдов :) Како што веќе кажа, јас скоро 2 години работам како маркетинг специјалист во Сеавус. Работата која сега ја работам е нешто што сум замислувала да го работам уште како студент на е-бизнис додипломските студии на Економскиот факултет во Скопје. Остварувањето на контакти и соработката со многу значајни луѓе од целиот свет посебно ме исполнува и ја докажува довербата која Сеавус ја има во мене, како и големината на одговорностите кои ги имам. Од друга страна пак, анализирањето на светскиот пазар, промовирањето на нашите производи на тие пазари, припремање на веб страни за толкав аудиториум, донесување на тие страни на првите позиции на пребарувачи како Гугл и Јаху и многу други помали или поголеми одговорности го надополнуваат мојот профил како еден од маркетинг специјалистите во Сеавус.

Сметаш ли дека некој солидно поткован во принципите на маркетингот може да го применува своето знаење во промовирањето на било кој производ или услуга или потребни се дополнителни конкретни знаења?

Знаењето од областа на маркетингот подразбира дека маркетерот ги владее техниките и методите кои се користат за да се пренесе пораката, да се привлече вниманието на луѓето и да се предизвика акција од нивна страна. Но, доколку маркетерот не е запознаен со пазарот кои се таргетира, потребите на тој пазар и како маркетираната услуга/производ ги задоволува тие потреби, тогаш и целата конкретна маркетинг кампања ќе биде утната. Силно сметам дека основа за остварување на ефективна маркетинг кампања е потребно солидно познавање на производот/услуга што се промовира.

Многу македонски фирми во својата хиерархиска поставеност имаат маркетинг оддели. Традиционално, улогата на овие оддели е да ги промовираат услугите на секоја фирма и со тоа да ја унапредуваат продажбата и, на крајот на краиштата, да креираат профит за фирмата. Меѓутоа, секоја фирма којашто нуди услуги и производи во својот состав има и други оддели (производство, продажба, финансии, итн). Каква комуникација и соработка, според тебе, треба да постои помеѓу маркетинг одделот и другите функции во корпоративниот свет? Зошто?

Несомнено, комуникацијата помеѓу департманите во една фирма е основа за создавање на успешен производ, за негово успешно претставување на пазарот и секако за остварување на продажби. Замислете каков краен производ/услуга ќе добиете доколку производство не го слуша маркетинг за барањата на пазарот, доколку маркетинг не ги слуша барањата на клиентите пренесени од продажба, доколку продажба не знае што производство планира следно да се прави со производот... Апсолутен хаос! 

Која е според тебе најголемата предност на интернет маркетингот во споредба со маркетингот преку некои потрадиционални масовни медиуми како весници, телевизија, радио итн итн?

Прва, основна и најбитна предност е тоа што преку интернет промоцијата можете да допрете до специфичниот таргет кој вас ве интересира, додека пак со користење на масовните медиуми (телевизии, весници, списанија, радио) веројатноста дека вашиот таргет ќе ја прими вашата порака е многу помала поради големиот број на пораки кои се пренесуваат постојано! Втора предност е тоа што користењето на интернет медиумите ќе ве чини многу помалку од користење на традициолните медиуми, а сепак пораката ќе стигне до вистинските луѓе. Трето, интернетот е едно магично место каде што луѓето постојано сакаат да научат нешто ново, да го споделат тоа со пријателите, така што доколку вашата кампања е доволно интересна за некого, тој/таа ќе го сподели тоа со своите пријатели, тие со нивните...  Четврто, користењето на интернет медиумите му овозможува на вашиот таргет да разговара со вас, наместо само да слуша како што е случајот со масовните медиуми. Оваа комуникација овозможува остварување на подлабока врска со таргетот и креирање на лојалност кон вашиот прозивод/услуга.

Како што знаеш има уште мал милион предности кои интернет промоцијата ги има во однос на користењето на масовните медиуми, но сепак за одредени типови на производи/услуги масовните медиуми се неизбежно промотивно оружје.

Seavus е една од ретките локални фирми којашто континуирано ги користи корпоративните блогови во својата промотивна стратегија. Каква е улогата на блоговите во рамките на еден маркетинг план? Што мислиш дека е потребно за еден блог да стане успешно маркетиншко оружје? Има ли во Македонија развој на овој план?

Блоговите кои ние ги имаме за промоција на нашите прозиводи (ProjectOffice.net, DropMind и PMTips.net) пред сè ги користиме за да им обезбедиме на клиентите и посетителите информации за производот од типот на што ново има, што ќе се прави следно, бараме нивни сугестии за унапредување на производите... Но, покрај ова, ние му даваме и дополнителна вредност на блогот преку пишување на постови кои се во полето на интерес на читателите и кои можат да им бидат корисни за нивната работа. Преку тоа се обидуваме да ја зголемиме лојалноста на читателот кон блогот, а со тек на време и кон производот.

Тоа е случајот со блоговите на ProjectOffice.net и DropMind, додека пак PMTips.net го користиме на еден сосема поинаков начин. PMTips.net е блог специјализиран за проектен менаџмент и колаборација, на кој пишуваат повеќе светски експерти од овие полиња, а поддржувач на овој блог е ProjectOffice.net (алатка за проектен менаџмент и колаборација). На овој начин читателите имаат можност да го зголемат своето знаење од овие области, а истовремено и да се запознаат со можностите кои нашата алатка ги нуди.

Генерално, блоговите како начин за промоција имаат резултатите кои се гледаат единствено на долг рок и доколку внимателно се управува со неговата содржина. Во спротивно може да ги има спротивните ефекти, што никој и не ги посакува.

Сведоци сме (посебно со револуцијата на друштвените медиуми) дека полека се бришат границите на нашиот личен и професионален живот. На пример, со нашите пријатели на Фејсбук ги делиме сликите од нашиот одмор додека во исто време споделуваме и линкови до интересни блогови и написи на теми коишто ни се од професионален интерес. Полека но сигурно, нашите 2 мрежи на контакти (лични и професионални) се испреплетуваат во една и секој од нас го формира својот универзален онлајн бренд (Brian Solis има да каже многу интересни работи на оваа тема). Какви се според тебе импликациите од овој феномен во работата на еден маркетинг професионалец?

Иако до одреден степен приватниот и професиналниот живот на интернет се испреплетени, сепак успевам да држам рамнотежа помеѓу нив. Корисник сум на повеќе мрежи кои сами по себе се дефинирани како приватни (на пр. Фејсбук) и професионални (на пр. ЛинкедИн). Контактите кои ги имам на Фејсбук ми се претежно приватни и воопшто не се во таргетот на нашите производи (па затоа и не го користам многу мојот профил таму за промоција на производите). Од друга страна пак, контактите кои ги имам на ЛинкедИн се претежно бизнис контакти кои сум ги запознала во процесот на промовирање на нашите производи и од кои дел станале наши клиенти.

Кога станува пак збор за Твитер, не можам да го ставам ниту во едната ниту во другата категорија, бидејќи има сосема поинаков концепт на работење, па го користам и за едното и за другото :)

Во секој случај остварувањето на контакти било преку приватни или професионални мрежи не може во никој случај да има негативен одраз врз никого, туку може единствено да му биде од помош на секого.

И едно прашање за крај...Ако треба да избереш една македонска фирма/институција која што сметаш дека солидно работи на својот маркетинг (дури и во денешните турбулентни денови) која би била таа (а да не е твојата матична фирма:))?

Големината на буџетот и успешноста на кампањата се некако пропорционално зависни. Па, бидејќи 3те мобилни оператори се можеби едниствени кои можат да издвојат толкави буџети за промоција (и сите чекори кои претходат), би рекла дека нивните кампањи и начинот на кој се позиционираат ми оставаат најголем впечаток. Најинтересното е тоа што тие во основа нудат исти услуги, но сепак секој од нив е убаво позициониран на различен сегмент на пазарот. Т-Мобиле е повеќе ориентиран кон семејства, пријатели, блиски; ВИП е насочен кон обезбедување на најниски цени за своите корисници; Космофон ги таргетира младите, образовани луѓе спремни за авантура...

Биљана, ти благодарам што беше гостинка во Маркетинг Муабети!

Благодарам на тебе што ме покани. Со нетрпение го чекам следниот наш муабет:)

Bookmark and Share
 
 

"...Маркетинг агенциите кои раководат со голем дел од маркетинг буџетите уште функционираат на на-ти-го дај-ми-го принцип и не прифаќаат нови медиуми во понудите (добро, ајде.. имаат една ставка: банери.. а да, и е-маил (читај спам) маркетинг)..."

Picture
Дијана, добредојде во Маркетинг Муабети. Убаво е да се знае дека постои млад и амбициозен маркетинг кадар во Македонија. (За тие што не те познаваат, еве линк до твојот LinkedIn профил.)  Како и со многу други гости во овој блог, првиот контакт со тебе го имав на Твитер (еве си ти на Твитер). Па во тој стил, во 140 карактери, што за тебе претставува маркетингот?

Фала Елена. Беше интересно запознавање :) Ми се допаѓа идејата за муабетите што ги водиш, баш се информативни а сепак неформални, чиста спротивност од повеќето медиуми кај нас.

Иако маркетингот како концепт во денешно време се менува секојдневно, сепак дефиницијата е истата... нема простор за креативност: "Менаџирање на процесот за пронаоѓање, анализа и преземање лукративна акција за задоволување на потребите на потрошувачите."

Интегрален дел си од маркетингот на продуктот наречен Active Reception, софтверско решение кое ја потпомага интерактивноста на корпоративните сајтови.  Претпоставувам дека најголем дел од неговата промоција се врши онлајн. И сега некој може да каже 'да, бидејќи станува збор за софтвер, нормално дека цел маркетинг се прави онлајн.' Според тебе, погоден ли е онлајн маркетингот за секоја фирма што нуди некаков продукт/услуга или е овој тип на промоција успешен само за одредени таргет пазари? Кои сознанија/факти треба една фирма/институција да ги има пред да оддели добар дел од својот промотивен буџет на е-маркетинг напори?

Супер прашање, ама не знам дали ќе можам да бидам кратка во одговорот. Има многу фактори кои треба да се оценат за да се распредели маркетинг буџетот. На пример, неколку од факторите за распределување на маркетинг буџет за софтверско решение се (се извинувам за англицизмите, некои зборови немаат превод на МК): вид на таргет: B2B / B2C / B2G итн., степенот на воспоставеност и прифатеност (maturity stage) на производот и индустријата во целост, вид на проблем кој го решава софтверот и негова важност во зголемување на профитот / намалување на трошоците, цената, должината на т.н "learning curve" за имплементирање и употреба на софтверот и слично. Според ова, матриксот на одлучување е комплициран.

Бидејќи моето искуство вклучува креирање и имплементирање на маркетинг стратегија за софтвер за онлајн поддршка на клиенти и поодамнешно искуство за маркетинг на софтвер за менаџмент на односите со потрошувачите (CRM), ќе пробам да ги споредам и да дадам практични примери од тие индустрии.

CRM индустријата ја има веќе поминато фазата на зрелост, со воспоставен пазарен лидер, имплементации и од страна на т.н. скептиците :) (market laggards), постојат многу имплементации за да се следат како пример и сл. Од друга страна, ActiveReception како софтверски производ е во индустрија која на глобално ниво моментално се имплементира од иноваторите во индустриите. Разликата помеѓу распределување на маркетинг буџетот е во тоа што во CRM индустријата можеш да капитализираш на веќе воспоставена информираност и потреба, со инвестирање повеќе во интернет маркетинг и без голема потреба од директна продажба и офлајн маркетинг. Ако покасно влегуваш во ваква индустрија, потребна е ниш стратегија и соодвето насочен маркетинг. За разлика од ова, во индустријата за онлајн поддршка и интерактивна продажба, потребни се поголеми инвестиции во офлајн маркетинг за информирање, директна продажба кај иноваторите, но исто така и инвестирање во менаџирање на поблиски односи со клиентите за позитивни препораки за влез во наредната фаза.

Ова беа накратко разликите, но, мислам дека со се' побрзиот раст на понудата на хостирани софтверски решенија и нивно меѓусебно интегрирање, како и создавање на претпријатија 2.0 кои треба бргу да реагираат на промените на пазарот, распределбата на буџетот ќе оди во корист на онлајн маркетинг, за побрз ефект и подобри резултати. Исто така, пофреквентна ќе биде прераспределбата, исто како и појавата на нови популарни сервиси и онлајн маркетинг инструменти, што делумно потекнува од фактот дека мерењето на резултатите од овие напори - ROMI (повраток на маркетинг инвестицијата) ќе дава побрзи сигнали за целисходноста на инвестицијата.

Пред неколку месеци правев и едно истражување на оваа тема. Download овде.

Македонија е малку назад во поглед на прифаќањето на новите Веб 2.0 технологии а со тоа каснат и македонските фирми/институции во нивното успешно користење. Лично мислам дека ние сме уште во оној стадиум на развој на овие технологии којшто во други поразвиени држави беше евидентен пред неколку години. Социјалните мрежи локално сеуште се користат примарно за забава и (условно кажано) 'тепање време'. На активните блогери им се лепат етикети од типот 'гикови'.  Твитер (за кој дури и Гугл јавно кажува дека ја добива битката во поглед на делењето на информации) многу полека се појавува на сцена во Македонија дури сега, кога глобалните лидери веќе неколку години успешно го интегрираат во своите стратегии. Марија Арменски, во муабетот што го водевме тука, кажа дека во нејзината не-профитна институција немаат баш најпозитивно искуство со рекламирањето на Фејсбук и Мајспејс. Што треба да се случи пред овие технологии да почнат да раѓаат плодови што ќе можат лесно да се претворат во заработка? Дали е прашање на време, модификација на стратегија на пристап или нешто друго?

Добро сумирано.

Мислам дека повеќето од факторите кои влијаат врз правилно прифаќање и начин на употреба на новите Веб 2.0 технологии ќе се исполнат со промена на генерациите во бизнис секторот. Да појдам од себе. Како дипломирана на е-бизнис, излегов од факултет уште кога концептот на Веб 2.0 не беше воспоставен. Сум научила за големата слика позади овој концепт затоа што ми требало практично да го применам на работа, која се погодила да биде во англиска фирма каде било потребно такво знаење. Практично е клучниот збор овде.

Моментално поголемиот дел од новата генерација на вработени сеуште нема "нож на грло" од менаџерите, ниту пак е мотивирана да ги искористи овие сервиси во други правци освен забава. Некои од играчите кои треба да ја предводат оваа "револуција", како што се медиумите, образовниот сектор и дел од поголемите компании, функционираат по линија на помал отпор. И ако се движите во различни кругови сфаќате дека иако ние, како "гикови" така размислуваме, има уште многу тетки кои го креваат глушецот нагоре за да оди стрелката погоре на екранот. Постои некој "дигитален јазол" и тоа во голема мера.

Уште неколку тригери: Поголем дел од софтверските компании (кои можеби треба да дадат пример за употреба на овие инструменти) немаат потреба да развиваат вакви кадри затоа што уште работат на владини проекти, или пак на проекти за странски клиенти, во кој процес нема вклучено потреба од маркетинг, да не спомнувам Веб 2.0 маркетинг инструменти.
Маркетинг агенциите кои раководат со голем дел од маркетинг буџетите уште функционираат на на-ти-го дај-ми-го принцип и не прифаќаат нови медиуми во понудите (добро, ајде.. имаат една ставка: банери.. а да, и е-маил (читај спам) маркетинг). Со малку конкуренција од интерактивни интернет маркетинг агенции ова набргу ќе се смени, во што сум сигурна.

Сметам дека ќе дојде време овие Веб 2.0 сервиси (во иднина 3.0 итн) правилно да се употребат во македонските компании како маркетинг инструменти, но од почеток на малку чуден (читај со прескокнување на многу правила) и делумно функционален начин (како бумот во Фејсбук рекламирање што го гледаме сега). Ова ќе се случува многу отсечно, баш поради тоа што иноваторите и оние компании кои знаат и имаат потреба да ги користат овие инструменти ќе применуваат нови и соодветни инструменти, додека компаниите во трајна транзиција ќе "трошат" пари онлајн како што ќе им посочат водечките маркетинг агенции во тоа време.

Ќе се придвижат работите и доколку истите тие блогери кои ги викаат гикови, кои што добро ги сфаќаат овие работи, ќе можат да влијаат на бизнис заедницата, да влезат во неа и да ги применат за пример. Требаат само неколку успешни приказни со резултати, за да масовно се перципираат работите и од старите менаџерски структури. Баш поради оваа причина, со неколку од е-бизнис колегите основавме Е-невладина, за да можеме правилно да ги информираме, да инспирираме и поттикнуваме вакви иницијативи.

Традиционално, работата на еден маркетинг професионалец е да создаде услови за зголемена продажба преку привлекување на повеќе потенцијални купувачи, на еден или друг начин. Во овој процес, маркетинг професионалецот можно е да нема ниту еден директен контакт со овие купувачи. Работата, пак, на еден успешен продавач (оној кој што има директен контакт/конверзација со крајниот потрошувач) е да создаде некој вид на однос што ултимативно ќе резултира со продажба. Социјалните медиуми, со нивната инстант и непосредна природа, ги имаат малку заматено овие дефиниции. Она што до неодамна беше во доменот на маркетингот (на пример, генерирањето на buzz - во недостаток на соодветен македонски збор) сега не е доволно, потребна е и конверзација со корисникот (значи директна комуникација еден на еден- нешто што до сега било својствено за оној задолжен за продажба). Се сложуваш ли со ова? Значи ли ова дека полека функциите маркетинг и продажба се претопуваат во една функција? Станува ли маркетерот продавач или продавачот маркетер? Или тоа одсекогаш било така? Како стојат работите во Македонија на ова поле?

Баш интересно и актуелно прашање, а на оваа тема неодамна пишував една статија на порталот на нашиот софтвер (занемарете го комерцијалниот аспект, само како концепт на размислување сакав да го искористам овде). Се согласувам и факт е дека овие две функции делумно ќе се спојат и ќе се преклопат.

И самата причина зашто се појави интерактивниот веб, колаборација, инстант ширење на информации и создавање на тие buzz (вирал) моменти не наведува на заклучок дека во денешно време информацијата е моќ, конкурентските предности веќе не можат да се базираат на нереални факти и сите карти се отворени пред потрошувачите. Се' што ни преостанува за да бидеме профитабилни е да бидеме искрени со нив, да воспоставиме комуникација базирана на факти и да разговараме без "продавачки" терминологии. Од маркетиншки аспект, треба да бидеме брзи  и да ги "фатиме" во моментот кога ја бараат информацијата и ја имаат потребата и преку информации и дијалог да им продадеме. Баш во тој момент се спојуваат маркетингот и продажбата. Сето ова го зборувам на глобално ниво.

Кај нас... хмм... многу често спонтано се имам вклучено во дискусии со продажни агенти а-ла-стара-школа (old-school) на кои мака мачам да им го објаснам овој концепт и дека во блиска иднина, кога ќе излеземе од оваа матрица и малку поглобално ќе мора да станеме конкурентни, ќе треба да ги искористат. А не е така само кај нас. Постојат индустрии и во поразвиените земји кои сеуште вака функционираат и кои маркетиншки немаат голема потреба да искористуваат Веб 2.0 концепти.

Фаст форвард во иднина, колку повеќе протокот на информации ќе се централизира на вебот, толку повеќе ќе има потреба од интегрирање на овие две функции од аспект на зголемена продажба. Ќе биде игра на брзина на предвидување и тактика за искористување на променливите потреби на потрошувачите.  

Дијана, ајде едно малку поразлично прашање. Како можат овие нови интернет технологии да се користат надвор од промоцијата, односно во другите маркетинг компоненти (продукт, цена, дистрибуција)? Многу глобални фирми ги користат овие алатки за развој на нови продукти (еве еден интересен осврт), тестирање на пазарот околу потенцијалните цени на продуктот во развој, и генерално маркетинг истражување. Има ли во Македонија потенцијал овде за нешто повеќе од само промоција?

Старите добри четири P на маркетингот во основа истражуваат, сумираат информации и ги искористуваат за креирање стратегија. Реално е да се јави потреба овие процеси и нивното планирање се повеќе да стануваат транспарентни и влечат информации од таму каде што треба: потрошувачите. Каде потрошувачите ги даваат тие информации? На социјалните мрежи, во коментарите на вестите и статиите, на форумите итн.

Но, јас ова го гледам и од друг аспект. Од аспект на создавање на заедница ("community", т.е. збир на луѓе со исти интереси / потреби) на производот, на компанијата или пак на потребата / подрачјето на интерес а потоа со соодветен менаџмент на заедницата "community manager" се искористува за овие цели (креирање производ, цени, дистрибуција). Не може да се извлече реална и квалитетна информација ако "сирово" ја бараш од било кој, давајќи му награда и собирајќи му информации за подоцна да му испраќаш промотивни е-маилови. За мене квалитетна маркетинг иницијатива од овој тип е кога се создаваат реални "следбеници" на брендот кои со "pull", а не со "push" стратегија обезбедуваат информации.

Кај нас.. Реално, ме плаши нетранспарентноста која потекнува од стравот на компаниите дека некој ќе им ја украде идејата или ќе ги искористи информациите за свои цели. Второ, ме изненадува контрол-фрик менаџментот кој не дозволува флексибилност за да се случи ова. Трето, кај производните компании кои треба да го применат ова постои мислење дека маркетинг иницијативи од овој тип се непотребен трошок. Четврто, владее моментален страв од економската криза и реални проблеми како обезбедување опстанок на компаниите за воопшто да мислат на овие работи.

И за крај, бидејќи си претставник на младата и свежа генерација на професионалци, што би им препорачала на твоите идни колеги коишто уште немаат зачекорено во корпоративниот свет? На што треба да обрнат внимание ако сакаат да бидат успешни во ова поле?
 
Да волонтираат во корпоративниот свет што порано и препорачливо за време на студиите или да си почнуваат свои бизнис иницијативи, за директно да ги опипаат работите. Да бидат отворени за ново знаење. Да не земаат здраво за готово се' што ќе им кажат менаџерите и да гледаат и надвор од нивниот оддел во компанијата. Да гледаат се' од страна. Да внесуваат нови идеи во се' што работат, но постапно и целисходно, не по секоја цена и да се покаже иновативност. Постојано да се преиспитуваат!

И да не создавам тензија, малку неформално: баталете голем дел од социјалиот живот на фејсбук :) дислоцирајте го офлајн. Искористете го само како проток за информации. 

Дијана, ти благодарам што ми беше гостинка во Маркетинг Муабети!

Фала Елена. Супер прашања. Се твитаме :)


Bookmark and Share
 
 

"...Целта на рекламата е да биде видена и запаметена од таргетот, без разлика дали е тоа на телевизија, на радио, на YouTube или Facebook, ако се постува, прераскажува и памети, си ги одработила парите..."

Picture
Данче, добредојде во Маркетинг Муабети:) Земајќи во предвид дека си дел од релативно помладиот и амбициозен маркетинг кадар во Македонија, ајде да почнеме вака: која е најголемата заблуда што ти лично ја имаше во врска со маркетингот пред да почнеш да работиш во ова поле?

Ти Благодарам Елена за поканата и за иницијативата за блогот, прекрасна, освежувачка и неопходна кај нас.

Па, прво да кажам дека сум луда по реклами, ги следам, ги анализирам, едноставно ги сакам. Тоа за мене беше синонимот за маркетинг: мислев дека ќе работам во идилично, крајно креативно опкружување, многу бои и идеи, без бројки, колони, анализи и извештаи. За да разберам дека работата во маркетингот е 90% бројки и анализи а 10% уникатност и разиграност... 10% е доволно добра бројка за да ја работам оваа работа:)

Во последниве 8 месеци работиш во Vertigo Visual и тоа во сферата на Интернет Маркетингот, Search Engine Optimization и Copywriting (твојот комплетен LinkedIn профил е достапен тука). На какви продукти/услуги во Македонија им е потребен/корисен Интернет Маркетингот? Има ли индустрии или индустриски сектори (или пак фирми) коишто се лидери во поглед на прифаќањето на новите технологии во рамките на маркетингот?

Па Интернет Маркетинг е потребен и корисен на сите компании, бидејќи СИТЕ корисници се на Интернет (benefit делот). Од друга страна Интернет Маркетингот чини помалку, може подобро да се таргетира и се воспоставува по личен контакт со секој потенцијален клиент (cost делот). 

Кај нас полека но сигурно се осознава значењето на Интернет презентацијата и промоцијата, иако скептицизмот околу ефектите и оправданоста на инвестицијата се уште постои. Малите компании кои нудат услуги мислам дека побрзо ги антиципираат промените и новите технологии, бидејќи едноставно немаат избор, ќе бидат истиснати од пазарот.

Во муабетот со Дамјан Арсовски се фокусиравме на интерактивноста во маркетингот. Дамјан тврди дека "традиционалниот начин на маркетинг е завршена приказна, интерактивниот маркетинг е она што навистина ќе ги поврзе компаниите и потрошувачите и ќе создава успешни бизнис приказни." Се сложуваш ли со ова мислење? И ако да, што ќе се случи со традиционалниот пристап кон маркетингот, којшто многу фирми го разбираат како плаќање "дебели" пари за рекламирање во масовните медиуми? Ќе изумре ли?

Па не би се сложила дека е завршена приказна, но мислам дека неизбежно ќе дојде до испреплетување, компромис и надополнување на двата пристапи. Традиционалното рекламирање е моќна алатка, а добро изработена и креативна реклама се памети долго и создава силни асоцијации на брендот. Целта на рекламата е да биде видена и запаметена од таргетот, без разлика дали е тоа на телевизија, на радио, на YouTube или Facebook, ако се постува, прераскажува и памети, си ги одработила парите.

Светот (читај главно Америка) во последните неколку години се ориентира кон микро-блоговите (главно Твитер). Многу корпорации/институции го сметаат ова за следниот чекор по очигледниот успех на блоговите. Од друга страна, во Македонија сеуште е многу мал бројот на фирмите/организациите коишто имаат конкретен и организиран пристап кон блогирањето. Зошто мислиш дека е тоа така?
 
Па затоа што едноставно не ја гледаат краткорочната предност од истото, а ние како нација сме генерално кратковиди. Потребени ни се успешни домашни примери, кои ќе бидат претставени и објаснети, за компаниите да поверуваат дека тоа е добро за нив. Според мене се' уште кај нас, времето поминато за презентирање на Facebook или Twitter, компаниите го сметаат за забушавање од "вистинската" работа. Но, верувам дека тоа брзо ќе помине.

Имаш ли генерално мислење околу поставувањето реклами на социјални медиуми како Фејсбук, МајСпејс итн? Функционираат ли овие реклами? Зошто да или зошто не?

Според мене функционираат во однос на импресии, иако, генерално кај нас корисниците се плашат да кликаат на шарени сликички кои велат "кликни ме". Од друга страна, интеракцијата на социјалните медиуми преку страни (pages), групи или профили на кои ќе се нуди квалитетна информација (потенцијален извор на word of mouth промовирање) и ќе се следат потребите на пазарот е подобар пристап за нашето подрачје. Социјалните медиуми се незаменлив извор на информации за профилирање на корисниците и одлична можност за персонален пристап кон нив.

Присутноста на Фејсбук е многу важна, компании од сите области можат да си го најдат местото таму, бидејќи едноставно ако некому нешто му треба, го постува, го прашува на статус или отвара дискусија и добива одговор. Word of mouth е многу силен на овие медиуми.

Која е, според тебе, најкреативната рекламна кампања произведена било кога во Македонија? А најуспешната интернет маркетинг кампања (исто во Македонија)?

Па, мислам дека на Македонскиот пазар во последно време се појавуваат квалитетни реклами, за жал тука се и оние на Hedis и Кафе Браво (најлоши што сум ги видела).

Би предложила да го посетите сајтот на Вертиго, ќе најдете доста креативни решенија.

Ајде препорачај ни некоја добра книга која што ја сметаш за своја Маркетинг библија...или некој добар блог или слично...нешто што ги има сменето сите твои гледишта кон тоа што се нарекува Маркетинг?

Па кога сум во креативна блокада SmashingMagazine i Motiongrapher ме спасуваат...Учам многу од HubSpot блоговите и вебинарите...

Данче, фала ти што ми беше гостинка!

Ми беше чест да бидам дел од Маркетинг Муабети. Поздрав!

------
ПРАШАЊЕ ОД ЕЛЕНА ДО ЧИТАТЕЛИТЕ:
КОЈА Е СПОРЕД ВАС НАЈЛОШАТА А КОЈА НАЈДОБРАТА МАКЕДОНСКА РЕКЛАМА/РЕКЛАМНА КАМПАЊА ВО ПОСЛЕДНИВЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ? СПОДЕЛЕТЕ ВО КОМЕНТАРИТЕ...


Bookmark and Share
 
 

"...Кога ќе размислите, речиси за секоја индустрија, не само туризмот, за 10тина години ќе постои е-Алтернатива и е-Корисник. Вие само треба да бидете е-Маркетер..."

Picture
Елена, добредојде во Маркетинг Муабети. За старт сакам да те прашам: како изгледа еден обичен работен ден на некој кој, како тебе, се занимава со интернет маркетинг? (Елена е моментално интернет маркетинг асистент за ExploringMacedonia.com, а нејзиниот комплетен професионален профил е тука.) Кои маркетинг активности го одземаат поголемиот дел од твоето работно време?

Здраво Елена, пријатно е да се биде е-гостин во Маркетинг Муабети.

Обичен работен ден за нас не постои. Морам да признаам, секој ден е нов предизвик кој често наметнува и многу не-маркетинг активности со цел полесно да ги обработиме оние вистинските е-маркетерски предизвици.

Она што е карактеристично за оваа работна позиција е што целниот пазар е он-лајн. Според тоа и сите маркетинг активности често се врзани за интернет  алатки.  За среќа,  зад мене стои лојална соработка со NextSense, македонска ИТ фирма со визионерски пристап кон технологијата и бизнисот, па често имам можност да практикувам и за мене нови Интернет алатки во комплетирањето на маркетинг миксот.

Секојдневните обврски вклучуваат редовно процесирање на барањата на посетителите на Порталот, он-лајн промовирање на понудата на Порталот и секако усогласување на двете што според мене е клучната работа.  Често она што ние сакаме да го понудиме он-лајн, физички и не постои па мора да се направи. Еве на пример цела година имавме city break пакети (повратен авио превоз од 5 дестинации во Европа со две/три ноќевања во Скопје) кои  можеа да се резервираат и платат само он-лајн на Порталот.  Имаме хотели, имаме авио превозник, само требаше некој тоа да го искомбинира и понуди он-лајн.

ExploringMacedonia.com е македонски туристички портал којшто (по моја скромна претпоставка) има голема посетеност од корисници надвор од Македонија. Како ова ги менува потребните карактеристики на овој сајт (освен јазичните) во поглед на услугите што ги нуди? Имаат ли странските корисници други побарувања/стандарди во споредба со македонските во поглед на тоа како треба да изгледа и да функционира еден ваков портал?

Да, порталот има преку 700 посети дневно, според GoogleAnalytics. Тоа се 255500 различни претежно странски посетители годишно и исто толку различни потреби во однос на туристичката понуда на Македонија.  Бидејќи порталот навистина е одраз на националната туристичката понуда на Македонија, често имаме потреба да ги менуваме работите, да влијаеме на развојот на туризмот воопшто и да предлагаме нов пристап кон туризмот, нови услуги и нов начин на нудење на старите услуги. 

ExploringMacedonia.com од почетокот е дизајниран според потребите на странските туристи и Интернет корисници и се развива во насока на нивните потреби. Македонските туристи сеуште срамежливо резервираат и уште посрамежливо ги користат картичките за он-лајн плаќање. Би рекла повеќе тие се прилагодуваат на нас отколку ние на нив. Вистинските предизвици ни доаѓаат сеуште однадвор. Такво последно искуство ни беше Европското првенство во ракомет за жени. Започнавме продажба на он-лајн билети (е-тикет) која за странците беше особено погодна. Освен превоз и сместување, навивачите резервираа и билети за првенството и натпреварите.

Денес ова решение го имплементираме и за други настани (концерти, манифестации и сл.)

Полето на туризмот е еден од оние сектори коишто од поодамна ја чувствуваат моќта на она што се нарекува содржини креирани од корисниците (user generated content). TripAdvisor.com (датабаза на рецензии на хотели, атракции, ресторани и други доживувања поврзани со туристичката индустрија) функционира уште од 2000 и е авторитативен извор на туристички информации токму поради тоа што овие информации се креирани од самите корисници и не се напишани од маркетинг експерти. Многу туристички објекти го зголемуваат волуменот на својот бизнис токму поради позитивни рецензии од корисниците, додека не се малку и оние коишто се цел на негативни коментари (еве ја, на пример, страната со рецензиите за хотелот Континентал во Скопје). Што би рекол нашиот народ - добриот глас на далеку се слуша но и лошите вести бргу се шират. Мислиш ли дека македонските фирми и организации се спремни да им дозволат на своите корисници да го споделат мислењето за своето искуство онлајн? Постои ли страв од негативни коментари во Македонија или пак сме доволно самокритични?

Мислам дека фактичката состојба е далеку побитна од проследената информација на интернет и давателите на туристички услуги треба да се фокусираат на самата услуга и потребите на туристите.

А во Македонија наскоро ќе стартува нов проект на Exploring Macedonia, кој ќе направи категоризација на услугите на приватното сместување. Едноставно, странците не знаат каде доаѓаат и што да очекуваат. Бидејќи критериумите ќе бидат однапред дефинирани, се минимизира опасност за хотелиерот од субјективна и непрофесионална  проценка.  Интернетот е најефикасен начин тоа да се проследи до туристите, а Exploring Macedonia за нив е веќе докажан и доверлив извор на информации.

Фејсбук, како најпопуларната социјална мрежа во моментов, е и место каде што многу фирми (дури и во Македонија) почнуваат да се рекламираат преку различни методи (директни банер реклами, отворање на групи, фејсбук профили, апликации, итн итн). Имаш ли некој пример на иновативно користење на Фејсбук за маркетиншки цели (во државава или пошироко)? И еве го поголемото прашање во оваа тема: доволно ли е да се реплицираат методите на успешните фирми во ова поле? Зошто?

Exploring Macedonia има група на Фејсбук, каде редовно ги информираме нашите лојални клиенти за нови понуди и акции. На почеток, кога сè уште имаше мал број членови на Фејсбук од Македонија, забележавме дека целата фама луѓето ја дигаат околу сликите и сите обожаваат да постираат слики. Поради тоа огласивме мал конкурс за сите кои имаа желба да постираат слики каде што се фотографирале во Македонија.  Често кога имаме он-лајн продажба на карти, одржуваме и Фејсбук настани. Исто така во соработка со интернет маркетинг агенцијата HTTPOOL се огласуваме со банери на Фејсбук.  Фејсбук е погоден како и Google Ad Words, затоа што има сегментација на пазарот, може да изберете на која возрасна група ќе се покажува банерот, во која држава, кој пол итн. Не би било доволно само да се реплицираат успешните практики. Претпоставувам треба да се реплицира снаодливоста и да се аплицира на различни случаи. Како и во маркетингот воопшто, така и во Интернет маркетингот, треба само да размислуваме  креативно, зашто во Интернет просторот, можностите се безбројни.

Можеш ли да ни објасниш зашто е толку битно она што се нарекува оптимизација за пребарувачки машини (или Search Engine Optimization - SEO)?

Пребарувачките машини како Google или Yahoo го уживаат сето внимание на Интернет корисниците. Кога на корисниците им треба тура низ Македонија  само впишуваат по 2-3 клучни збора во Google пребарувачот  (Macedonia , tourism) и чекаат Google да им ги најде најрелевантните страни кои што ја содржат таа информација. Најпростиот принцип е секако пребарување по клучни зборови. Токму за тоа станува збор во оптимизацијата за пребарувачки машини: да се направи веб страната да котира високо на резултатите од пребарувачот. Доколку Порталот се наоѓа на последната страна од резултатите на Google, не би можеле да стигнеме до корисниците а понудата на он-лајн услуги ќе биде достапна само за оние кои веќе го знаат нашиот сајт.

Критериумите за рангот на сајтот кај различни пребарувачи е различен. Она што сигурно е релевантно е содржината  на сајтот, клучните зборови со кои е оптимизиран и бројот на сајтови кои реферираат кон него. 

Што би му препорачала на секој млад ентузијаст којшто сака да изгради кариера во полето на интернет маркетингот во Македонија? Некој твој личен совет, некоја техника или карактерна особина што би помогнала? Некое предупредување:)?

Јас почнав да работам пред 2 години и сè уште учам активно на темата Интернет маркетинг. Мислам дека ќе учам барем уште 20 години. Би им препорачала на сите идни е-маркетери да дојдат што побрзо во Интернет индустријата, за да ги размрдаме Македонците и регионот. Желбата за истражување и волјата да се биде во чекор со технологијата ме држат будна. Кога ќе размислите, речиси за секоја индустрија, не само туризмот, за 10тина години ќе постои е-Алтернатива и е-Корисник. Вие само треба да бидете е-Маркетер.

Неодамна прифатив една прекрасна иницијативата на мои драги колеги од е-бизнис департманот на Економскиот факултет во Скопје. Бидејќи бевме почетна генерација, само што завршивме сите се вработивме по различни ИТ фирми во земјата и насобравме интересни искуства за ИТ индустријата, но од другата страна нé дочека и еден заспан е-Пазар во Македонија на кого треба да му се обратиме.  За таа цел моиве колеги направија пионерски подвиг и ја основаа е-Невладина (www.e-nevladina.com)  организација за подигање на Интернет свесноста кај Македонците. Денес, на 28 мај во 18 часот на нивна покана ќе го одржиме првиот Вебинар во Македонија на тема “Е-трговијата пристигна и кај нас” каде ќе споделиме различни искуства и практики од областа е-Бизнисот.

Имаш ли некоја омилена книга или омилен автор во областа на интернет маркетингот?

Да, секојдневно го читам електронскиот весник од eMarketer Daily, така ми започнува денот. Овде имате неодолива база на информации и практики http://www.emarketer.com/. Сеуште сум под импресии на книгата и предавањето Герила Маркетинг од Џеј Конрад Левинсон, бидејќи користи неконвенционални методи во маркетингот. Може лесно да се најде на било кое продажно место на Издавачкиот центар Три. Исто така се надевам во септември ќе ја имам можноста во живо да го слушнам и таткото на маркетингот – Филип Котлер, кој доаѓа во Скопје. 

Елена, благодарам што гостуваше во Маркетинг Муабети!!!

Ти благодарам на поканата Елена и на овој маркетинг муабет.

Bookmark and Share

Title.

 
 

"Јас, како студент, сметав дека интернет маркетингот се состои од банери. Смешно нели? На мојот прв работен ден всушност сфатив што е Adwords, Adsense и прв пат слушнав за Web 2.0. Да не зборувам за SEO и за SEM :). Знаев што се...по дефиниција :)."

Picture
Наталија добредојде во Маркетинг Муабети:) Ти си дел од оној релативно млад и амбициозен кадар активен во рамките на Seavus (линк до LinkedIn профилот на Наталија). Веќе на сите читатели им е јасно дека практикувам да поставувам линкови до профилите на моите гости на LinkedIn. Па ајде да прашам...како ти лично ја користиш оваа социјална мрежа? Дали повеќето од твоите активности таму се како дел од маркетинг кадарот на твојата компанија или е тоа повеќе алат за личен напредок? Или па некој микс? Што пропуштаат оние коишто не ја користат оваа мрежа?

Дозволи ми прво да ти се заблагодарам за можноста да бидам дел од Маркетинг Муабети, бидејќи ми претставува особено задоволство.

Морам да ти кажам дека LinkedIn профил имам уште од моите рани почетоци во Seavus, меѓутоа се до пред 6-7 месеци бев само пасивен набљудувач. Почнав активно да го користам за целите на кампањите кои што се одвиваат во маркетинг одделот на мојата компанија, меѓутоа пред се' за некомерцијални цели. Не знам дали си запознаена со http://pmtips.net, блог за проектен менаџмент и колаборација, којшто е развиен, поддржан и спонзориран од Seavus. Главниот медиум на којшто овој блог се маркетира е LinkedIn и можам да ти кажам дека е главен извор на посетители. Промовирајќи го овој блог, наидувам на многу вредни дискусии од многу значајни луѓе коишто стануваат дел од мојата LinkedIn мрежа и коишто се' почесто ги контактирам за други деловни и приватни цели. Како дел од LinkedIn и сама знаеш колку луѓето овде се расположени за споделување знаења, искуство и едноставно за разговор.

PMTips.net стана познат бренд и извор на совети во областа на проектниот менаџмент, благодарејќи на word of mouth главно од луѓето кои што се дел од LinkedIn, а јас се повеќе сум во можност да контактирам со многу познати и значајни луѓе. Запознавајќи ги овие луѓе, всушност сфаќам која е моќта на LinkedIn. Тука исто така ја додавам и можноста за многу лесен и едноставен начин на наоѓање бази од релевантни луѓе на коишто можеш да им го претставиш својот производ и коишто ќе бидат заинтересирани и ќе најдат вредност во него.

Додека јас бев студент (нешто што сега ми се чини дека беше многу одамна:)) често наидував на врсници коишто посетуваа студии од областа на маркетингот и дел од нив беа видливо изненадени од што всушност претставува маркетингот. Многумина (пред да започнат со своите студии) имаа визии на гламурозна работа во маркетинг агенции, тотално креативна работа и многу сјајни рекламни материјали.  Откога се опоравија од тој шок, и успешно ги завршија своите студии, многумина ги чекаше уште едно изненадување со нивниот влез во вистинските маркетиншки води на корпоративниот свет (во ниеден случај јас лично не се ставам надвор од оваа група). Имаше ли ти некој мит околу полето на маркетингот којшто се урна кога започна со практична работа? Што е тоа што го знаеш сега на оваа тема а посакуваш да го знаеше на првиот твој работен ден?

Морам да ти кажам дека јас сум тотално во спротивната група. Додека студирав, воопшто и не размислував на таа тема, а и факултетската програма не нуди некоја гламурозна претстава за маркетингот. Така, без многу очекувања влегов во овие води, што денес го сметам за предност. Од првиот ден работејќи тука учам по нешто ново и најискрено да ти кажам ништо не сум знаела претходно:). Парадоксално е што многу од луѓето во Македонија сеуште мислат дека суштината на маркетингот се билборди и реклами по телевизии. Најискрено, многу често си велам дека ја имам таа среќа да работам во светска компанија и да бидам запознаена со работите што се случуваат во светот. Мислам дека најголемиот дел од македонските фирми се сеуште се многу назад од она што светските компании го прават во полето на маркетингот.

Посакувам барем еден мал дел од она што денес го знам да беше вметнат во факултетската програма. Јас, како студент, сметав дека интернет маркетингот се состои од банери. Смешно нели? На мојот прв работен ден всушност сфатив што е Adwords, Adsense и прв пат слушнав за Web 2.0. Да не зборувам за SEO и за SEM :). Знаев што се...по дефиниција :).

Она што денес го гледам и ме радува е дека и професорите и студентите се повеќе се трудат да бидат во чекор со светските трендови. Да се надеваме дека ќе се сменат работите.

Ајде да зборуваме малку за e-mail маркетингот. Се користи ли овој метод успешно во Македонија? Имаш ли пример на некоја локална или глобална фирма којашто користи e-mail маркетинг со завидни резултати? Од што зависи успехот на една e-mail маркетинг кампања?

Најискрено да ти кажам, многу малку знам за пазарот во Македонија. Знам дека неколку од локалните продавници за компјутери, мобилните оператори и Студио Модерна го користат овој начин на маркетинг и мислам дека тоа го прават доста успешно.

Од глобалните компании скоро и да нема некоја која што не го користи овој метод. Најмногу ме забавуваат маиловите на Zoho и обожавам да ги читам. Комплетно го имаат имплементирано Web 2.0 моментот, и во дизајнот и во стилот на изразување, како и останатите компании кои што прават web апликации.

Сепак, синдромот којшто ги прати луѓето е да кажат што повеќе можат за да си ги претстават своите производи и најчесто e-mail-овите се пренатрупани со текст и ништо не кажуваат. Убавината на овој метод е да кажеш што повеќе можеш со помалку зборови и да успееш да го задржиш вниманите уште во првата реченица. Мое мислење е дека многу голема улога игра и позиционирањето на елементите и соодветниот дизајн, иако ретко кој обрнува внимание на ова.

Искрено мислам дека овој метод се' повеќе изумира и се' повеќе фаворизирам персонализирање на маиловите и воопшто комуникацијата. Сепак, сметам дека е моќен и успешен метод.

Со бумот наречен социјални медиуми/мрежи, многу од големите светски корпорации полека но сигурно го напуштаат корпоративниот начин на комуникација (масовна комуникација со голем број корисници одеднаш) и се повеќе внимание посветуваат на личната комуникација еден на еден. Корисниците веќе не сакаат да комуницираат со (на пример) Форд како корпоративен ентитет туку со лесно достапните вработени на Форд присутни на низа социјални медиуми. Го земам Форд како пример бидејќи нивниот Social Media фронтмен Scott Monty (еве едно интересно интервју со него тука) успешно стратешки ги менува погледите кон комуникацијата и маркетингот во една голема фирма како Форд. Ако некој го следи Scott на Твитер ќе забележи дека тој, покрај низата крајно лични информации од типот на 'Одам да ги пробам новите Dunkin Donuts крофни со цимет' , споделува и директни Форд промотивни пораки (пр. 'Почнуваме да произведуваме Европски верзии на Форд Фокус'). Очигледно, границите помеѓу интимниот и професионалниот живот на успешни маркетинг личности како Скот се крајно заматени. Е сега, прашањето коишто произлегува од тука е: колку се македонските фирми спремни да го предадат својот онлајн имиџ на индивидуалци/поединци вработени? Конкретно за тебе, колку твојата матична фирма ти дозволува да ги смешаш твоите професионални промотивни пораки со личните информации во твоето присуство на интернет (и ти си на Твитер)? Какво е твоето лично мислење околу оваа тема?

И јас сум во истата група :) Ако ги погледнeш моите профили по социјалните мрежи ќе видиш дека нема граница. Дури во последно време се наоѓам заглавена во професионалниот живот и се' помалку пишувам приватни работи, па пријателите ме опоменуваат дека сум досадна :).

Сепак, тотално го поддржувам ова. Еве ако го земеш за пример Pete Cashmore, освен најновите дешавки на Mashable, сакам да знам како му поминал денот или дали си купил нови кондури :).

Лично сметам дека има повеќе ефект и вредност за промотивните активности доколку им дозволиш на луѓето да ти се приближат и приватно и професионално. Така се сигурни дека позади производот стои реален човек на кого можат да му се обратат и да се потпрат во секое време. Кога зборуваме за Twitter, ќе видите дека нашите производи имаат свои профили (DropMind, ProjectOffice.net, па и PMTips), меѓутоа брендот не е она што ги поврзува луѓето, туку личната информација и меѓусебната доверба. Многу повреден фидбек добивам од луѓето кога ќе им се обратам лично отколку кога ќе им се обратам од DropMind на пример. Мојата компанија го држи истиот став и тотално имаме слобода да се искажеме на било кој начин сакаме, се' додека тоа носи вредност за нашите производи.

Многу маркетинг експерти во светот сметаат дека традиционалното рекламирање преку традиционалните медиуми полека но сигурно умира. Се согласуваш ли со ова? Како стојат работите во Македонија по ова прашање?

Работејќи го она што го работам - интернет маркетинг специјалист - тотално се согласувам со ова и мислам дека тоа е правата насока кон која маркетингот треба да се развива. Но, работите во Македонија стојат малку поинаку. Секоја чест на исклучоците (во последно време ги има се' повеќе и тоа многу ме радува), мислам дека нашите компании сеуште се чувствуваат удобно со традиционалните методи и не се осудуваат да го превземат ризикот и да бидат во тек со светските трендови. Можеби треба некој повеќе да ги едуцира дека бенефитите се многу повеќе и многу поголеми одколку ризикот.

Сакам да се осврнеме малку и на она што се нарекува word of mouth маркетинг. Овој тип на маркетинг од секогаш постоел и (според мене) е едно од најсилните маркетиншки оружја ако правилно се користи. Со појавата на Веб 2.0 технологиите, голем дел од информациите споделени од корисниците на производи/услуги сега го наоѓаат својот дом на интернет. Дали  една фирма од типот на Seavus прави мониторинг на ваквите дискусии? Како поточно? Се користат ли тие повратни информации некако?

Тотално се согласувам со тебе и дури јас мислам дека е најмоќен метод, а не еден од најмоќните. Ние во Seavus посветуваме многу големо внимание на овие дискусии и Voice of the Customer всушност ни претставува движечка сила. Можам да ти кажам дека сите дискусии поврзани со нашите производи се следат, дали тоа биле на блогови, форуми или преку мејлови. Се користат познатите алатки за аналитика Google Analytics, StatCounter, WebMasterTools и секако имаме развиено интерни методи на следење на ваквите активности. Барањата од нашите корисници секогаш се приоритет и производите се развиваат во насока да ги задоволат нивните барања.

За крај - кој е твој омилен корпоративен блог на глобална компанија? Зошто?

Зависи од приоритетите на денот, и од тоа што ме интересира во даден момент, ми се менува и омилениот блог. Во моментов редовно ги читам HubSpot, Lifehacker, MarketingProfs, Econsultancy, O’Reilly и Smashing Magazine. Неизоставни се Mashable, ZDnet и BNet. How to Change the World и Guy Kawasaki ми е прв на топ листата и го обожавам. Има толку реален осврт на сите аспекти што ги обработува и уживам да го читам во секое време.

Наталија, ми беше задоволство што те имав како гостинка во Маркетинг Муабети!

И мене ми беше драго и благодарам за поканата.

Коментарите (како и секогаш) се отворени.


Bookmark and Share
 
 
"...во Македонија најголемата заблуда е што маркетингот се поистоветува со промоцијата односно advertising-от. Некако тешко луѓето сфаќаат дека промоцијата е само еден дел од маркетингот ..."
Picture
Марија, добредојде во Маркетинг Муабети. Сакам да го почнам овој муабет со едно прашање што (ќе) им го поставувам на многу луѓе во рамките на овој блог: која е според тебе најголемата заблуда што луѓето ја имаат во врска со тоа што е (и што не е) маркетингот? 

Здраво Елена, најпрвин благодарност за поканата за ова интервју и да те пофалам бидејќи си една од ретките што прави нешто во областа на маркетингот во Македонија.

Според мене во Македонија најголемата заблуда е што маркетингот се поистоветува со промоцијата односно advertising-от. Некако тешко луѓето сфаќаат дека промоцијата е само еден дел од маркетингот и дека постојат и други елементи од областа на маркетинг кои треба да ги користи една организација за да има една успешна маркетинг кампања. Организациите најчесто формираат маркетинг сектор кој не работи ништо друго освен класична продажба и некаква промоција, при тоа заборавајќи ги или не знаејќи за истражувањето на пазар, директната продажба, можностите за интернет маркетинг и многу други елементи кои може да придонесат за развој на бизнисот. Друга заблуда е што во многу организации местото на маркетингот и неговата улога не се зема многу сериозно во генерирањето приход за организацијата, како и несоодветната комуникација и координираност помеѓу секторот за продажба и секторот за маркетинг. Ова се само неколку од многуте заблуди кои постојат кај нас меѓутоа сметам и во регионот за оваа релативно нова дисциплина кај нас.

Имаш работено за низа организации/компании во Македонија (целосниот професионален профил на Марија е тука). Последниве 2 години си Маркетинг Менаџер на ПСМ Фондацијата. Има ли според тебе разлика во пристапот кон рекламирање/промоција/комуникација на една непрофитна организација како ПСМ Фондацијата во споредба со пристапот користен во корпоративни средини водени од крајната линија - профитот?

Искрено, бидејќи станува збор за непрофитен сектор нормално е буџетите да бидат многу лимитирани и да не се става многу акцент на овие активности. Јас доаѓам од бизнис сектор каде што навистина средствата наменети за маркетинг беа многу поголеми отколку во организацијата во која сум денес. Меѓутоа пак, лимитираниот буџет е поголем предизвик со помалку средства да ги оствариш посакуваните резултати. Пристапот е герила маркетинг што мислам дека реално за Македонија не е ништо ново туку тоа е пристапот на многу мали и средни претпријатија кои кубурат со средства и герила маркетингот им е единствената солуција за да остварат некакви резултати. Така да и непрофитниот сектор e во слична ситуација и повеќе се потпира на герила маркетинг и ПР како маркетинг алатки.

Веќе извесно време (барем во поразвиените држави) непрофитните организации (најчесто поради релативно рестриктивните маркетинг буџети) го менуваат својот медиумски микс, и се повеќе се вртат кон интернетот, интерактивниот маркетинг и социјалните мрежи (Beth's Blog е еден интересен блог којшто се занимава баш со оваа тема). Има ли знаци на вакви трендови и во Македонија? Се користат ли овие алатки доволно?

Искрeнo Елена, бидејќи нашиот фокус и целна група се млади луѓе од економски и факултетите за компјутерски науки кои по дефиниција би требало да бидат Интернет “зависници”, сметавме дека интернет маркетингот ќе ни овозможи подобар пристап до нив. Меѓутоа, таа алатка се покажа како неефикасна и воопшто не донесе некакви реални резултати за зголемен интерес за нас како Фондација. Се обидовме и преку некои social networks како LinkedIn и Facebook и сепак извесни резултати постигнавме со Facebook но не на посакуваното и очекуваното ниво. Искрено, од сите можни алатки што ги искористивме, сфативме дека во Македонија, барем целната група која нас не' интересира, сеуште може најлесно да се анимира преку традиционалните начини на рекламирање. Тоа значи најдобри резултати имавме од рекламите на радио, Антена 5 и Сити радио.

Тоа не значи дека ќе се откажеме од овие нови, тренди и поевтини начини на промоција преку Интернет, но сепак сфативме дека за тоа треба да помине извесен период и малце повеќе време да созрее свеста на младите за новите начини на промоција. Тоа е нашата реалност.


Претпоставувам дека како дел од твојата работа си во постојан контакт со млади луѓе кои сега започнуваат со развивање на своите самостојни бизниси. Како овие идни лидери го разбираат маркетингот? Кој е твој совет (теоретски или практичен) којшто може да се примени кај секое новоформирано мало претпријатие со цел да се промовира подобро?  

Со оглед на фактот што наша целна група се младите ИКТ кадри, едни од главните проблеми што ги имаат во нивните развојни бизнис планови, меѓутоа и во реалната имплементација на бизнис идеите, е всушност маркетингот, продажбата, формирање на цени, преговарање и се' останато што се повеќе бизнис знаења и вештини. Оваа група на млади луѓе поради образовните програми што ги имаат на нашите факултети поседуваат многу малку или реално воопшто не поседуваат такви познавања и вештини. Тие имаат бизнис идеа и сакаат да прават фирма без воопшто да знаат кој им е конкуренција, зошто клиентот да купи од нив а не од некоја друга фирма, што значи компетитивна предност, како да продаваат, како да се промовираат. Тоа се многу битни работи кои уште на почеток кога ќе почнат да ги користат нашите услуги почнуваат да ги учат бидејќи во спротивно нивните бизниси се осудени на пропаст. Нашите совети до нив се дека мора да сфатат дека техничките вештини кои ги поседуваат не се основен предуслов за успех. Мора да размислуваат бизнис и мора да имаат основна бизнис логика и претприемничко размислување за да успеат, односно да сакаат на учат и да се надградуваат за да успеат. Кај нас е многу полесно да го остварат тоа бидејќи многу често, 2-3 пати месечно, им организираме обуки на тие теми што им помага во полесно совладување на овие знаења и нивна имплементација во нивните бизниси.

Кои мислиш дека се најважните карактерни особини што треба да ги развива секој човек кој е директно вклучен во полето на маркетингот?

Желбата за континуирано учење и надградување се пресудни за секоја професија вклучувајќи ги и маркетинг професиите.

Треба да сфатиме дека традиционалниот маркетинг не е единственото нешто и дека со новите технологии маркетингот добива нови димензии и нови алатки кои се иднината и кои мора да се имплементираат за успешна маркетинг стратегија на една компанија.

Треба постојано да се има слух за пораките кои доаѓаат од пазарот, од продавачите, и да ги антиципираме новите трендови за да бидеме спремни за новите предизвици. Треба да знаеме правилно да ги употребиме информациите за да можеме да бидеме чекор напред во однос на конкуренцијата.


Марија, ти благодарам што беше гостинка во Маркетинг Муабети!

Bookmark and Share
 
 

"Традиционалниот начин на маркетинг е завршена приказна, интерактивниот маркетинг е она што навистина ќе ги поврзе компаниите и потрошувачите и ќе создава успешни бизнис приказни."

Здраво Дамјан и добредојде во Маркетинг Муабети! Ти си прв, па се надевам ќе имаш лесна нога.
Разгледувајќи го твојот профил на LinkedIn, може да се забележи дека покрај солидно образование (University of New Mexico и Manhattanville College) во полето на ИКТ, Менаџмент и Маркетинг, твојата едукација вклучува и конкретен фокус кон Психологијата. Дали е тоа некој долгорочен план којшто го имаше уште во почетокот на твоите студии или едноставна коинциденција? Кои се предностите на некој што добро ја разбира психологијата на човековиот ум во контекст на корпоративното работење и конкретно во маркетингот?


Здраво Елена, огромна чест ми е да бидам првиот гостин во Маркетинг Муабети. 

Околу мојата едукација... планот да студирам бизнис менаџмент и психологија дојде некако отпосле. Првин планирав и почнав да студирам информатика, т.е. менаџмент на ИТ  системи, но подоцна сфатив дека повеќе ми причинуваат задоволство бизнис менаџментот и интернет маркетингот, па некако најдов начин да ги искомбинирам со психологијата која одсекогаш ме привлекувала. 

Според мене психологијата е доста важна за многу аспекти на бизнисот... доброто познавање на човечкото однесување и начини на размислување, како и психолошко анализирање на информациите кои ги добиваме дефинитивно го олеснуваат работењето и  помагаат во организација, тренирање и менаџирање на тимови, донесување на важни одлуки, развој на компанијата и сл. 

Конкретно во маркетингот, едни од поважните предности кои оваа наука може да ги донесе е покритично размислување и подобро разбирање на потрошувачите и нивното однесување. Со помош на психологијата, сите оние кои работат во маркетинг индустријата ќе можат подобро да разберат како да ги задоволат барањата и потребите на своите клиенти, да воспостават подобра комуникација и доверба.

Ако некој ги следи твоите активности на социјалните мрежи (претежно Twitter) ќе добие претстава дека редовно се движиш на релација Македонија-Америка и дека си моментално активен во три различни фирми/проекти. Како наоѓаш време за лична надоградба и постојано учење?


Навистина имам огромен број на обврски, но сепак уживам во тоа што го работам и покрај многуте непреспиени ноќи и стресни ситуации со кои се соочувам. (yep, workaholic!)

Лична надоградба и постојано учење се нешто за кое морам да најдам време во оваа индустрија, бидејќи стандардите и трендовите се менуваат скоро секој ден.

Голем дел од моето знаење го стекнувам преку работење на разни проекти и комуникација со колегите и пријателите. Активно следам и присуствувам на разни конференции, семинари и работилници од кои може многу да се научи. Учам и преку моите патувања (скоро секои 3-4 месеци менував контитент во последниве 5 години) каде што имам можност да запознам луѓе од различни култури кои имаат различни пристапи кон бизнисот и маркетингот. 

На професионален план, ко-основач сум и работам како проект менаџер во IWM Network, компанија која е комбинација помеѓу интерактивна маркетинг агенција и консалтинг компанија. Првиот проект на IWM Network е порталот за информатичка технологија IT.com.mk. Тоа што работам како главен уредник на IT.com.mk дополнително ми овозможува да сум во тек со случувањата.

Освен ова, работам и како надворешен интернет  консултант за компанијата Blueliner која има претставништва во Њујорк, Индија и Бангладеш. Моите обврски тука се пронаоѓање на интерактивни маркетинг решенија за клиентите и менаџирање на неколку онлајн проекти.

Според тебе, како феноменот наречен социјални медиуми/мрежи ги менува правилата на игра на Маркетинг теренот? Дали е тоа револуција, едноставна еволуција или само различен начин на гледање на односите помеѓу корпоративниот свет и крајните потрошувачи?


Имав можност да работам на голем број проекти кои се концентрираа на друштвените медиуми и според она што го видов досега, овој начин на комуникација дефинитивно ги менува правилата на игра, не само во маркетингот, туку и општо во бизнисот, интеракцијата меѓу луѓето, политиката и другите области од секојдневниот живот.

Денешниве друштвени алатки им дадоа глас на корисниците и ја префрлија моќта во нивни раце. Сега тие можат на најразлични начини да го споделат своето искуство на глобално ниво и да ја дознаат вистината со само неколку кликови. Соочувајќи се со предизвикот наречен друштвени медиуми и глобална конкуренција, денеска една успешна маркетинг кампања мора да има искрен и транспарентен пристап...

Револуција или еволуција? Хм... може р/еволуција? :)

Како се снаоѓа Македонија во овие води? Назад ли сме? И ако сме, зашто мислиш дека е тоа така? Дали е проблемот во бавното прифаќање на нови технологии или нешто друго?

Друштвените медиуми во Македонија во последниве година-две доживуваат експанзија... по MySpace, Hi5, Prijateli, најновиот хит очекувано е Facebook. Внимателно го следам развојот на оваа друштвена мрежа која сега е најмасовна во нашата земја и според последните бројки до кои можев да дојдам 7% од населението, односно околу 150.000 луѓе, веќе имаат свој Facebook профил. (повеќе тука)

Споредено со земјите во регионот, оваа бројка е солидна а уште поинтересен е трендот на пораст, кој досега на секои три месеци се зголемуваше скоро дупло.

Информатичкото општество во Македонија сеуште е во почетна фаза на развој. Причините за побавното прифаќање на новите технологии според мене се должи на слабата интернет пенетрација, несериозноста кон создавање на ИТ проекти како и пречките (читај: законски регулативи и банки) за развивање на е-бизнисот во земјата.

Кои се (според тебе) технологиите коишто го менуваат/ќе го изменат начинот на којшто компаниите ги 'маркетираат' своите производи?

Компаниите се таму каде што се и луѓето... Така да, секој сајт или нова технологија, особено нов начин за комуникација, кој ќе успее да го привлече вниманието на корисниците ќе го добие и вниманието на компаниите и маркетинг агенциите.

Одличен пример за тоа е Twitter, проект кој во своите почетоци не беше сфатен сериозно од никого... но еве, денеска е вистински хит. Овој сервис за микро-блогирање не само што им овозможи на луѓето да комуницираат на доста интересен и интерактивен начин, туку тоа го направи и за компаниите. 

Еве една интересна листа на брендови кои се покажаа успешни во пронаоѓањето на иновативни начини преку Twitter за комуникација со своите потрошувачи.

Кој е твојот личен совет до секој маркетинг ентузијаст во Македонија? Што е тоа што го знаеш сега што посакуваш да го знаеше кога ја започнуваше својота кариера во глобалниот корпоративен свет и конкретно во полето на Маркетингот?


Тоа што јас го научив на потешкиот начин е дека промените во виртуелниот свет се случуваат брзо и неочекувано, па така треба да бидеме секогаш подготвени да се соочиме со нови предизвици и нови начини на работа. Од голема важност е да се навикнеме на промени, да ги следиме последните трендови и на корисниците секогаш да им понудиме нешто ново, интерактивно и доста креативно.

Треба да се биде и трпелив и едноставно да знаеме што е тоа што сакаме да го постигнеме, уште на почеток да постои цел по која ќе се придржуваме.

Традиционалниот начин на маркетинг е завршена приказна, интерактивниот маркетинг е она што навистина ќе ги поврзе компаниите и потрошувачите и ќе создава успешни бизнис приказни. 

Има ли некоја компанија (локално или глобално) од чии методи учиш и којашто според тебе има добар пристап кон Маркетингот во денешно време?

Постојат повеќе компании чиј пристап во веб 2.0 светот активно го следам... Една од нив која вреди да се спомене е Skittles, кои пред некој месец целосно го предадоа својот вебсајт на друштвените сајтови YouTube, Flickr, Twitter, Facebook и др. Кога го видов начинот на кој ова е изведено, навистина се воодушевив. 

Друг пример од кој може многу да се научи е кампањата Whooper Sacrifice на Burger King, каде што Facebook корисниците бришеа пријатели во замена за хамбургер. Откако над 200.000 пријатели беа избришани, Facebook мораше да реагира. 

Фантастични и крајно иновативни идеи како овие секогаш претставуваат инспирација за мене...


 
 

Овој блог е дел од серијалот Муабети . Маркетинг Муабетите ќе се фокусираат на полето на Маркетингот и тоа локално во Македонија. Во овој момент работам на собирањето материјал за првиот Маркетинг Муабет но би сакала да ги слушнам и вашите сугестии за потенцијални Маркетинг Муабетџии. Идеално, тоа би биле лица коишто а) би имале нешто интересно да кажат во врска со Маркетинг полето во Македонија и б) би го кажале тоа тука.

Ако низ глава ви се вртат имиња, олеснете си вака:

Сугестии за гости во МаркетингМуабети