"...досега се спроведени мноштво на проекти и програми, како владини така и невладини, за имплементирање на ИКТ во образование, меѓутоа тие програми се изолирани островца, кои се глуви за меѓусебните постигнувањa..."
Благодарам што ме покани во ЕдуМуабети, бидејќи навистина сметам дека се потребни повеќе вакви иницијативи со цел да се адресираат одредени реални и конкретни прашања на ефикасна употреба на новите медиуми во различни општествени области, посебно образованието.
Мојата врска со образованието започна доста наивно, бев тогаш на моите постдипломски, само што ги започнував и имав поинаква замисла за тоа како би се развивала мојата академска кариера. Новите технологии во тој момент сеуште ги опипував, но ме заинтересира фактот на нивната голема можност да ги поврзат луѓето, како и просторот што го овозможуваат за учениците да ги разменат своите замисли. Така и јас се гледав себе си студирајќи, и секогаш го трпев недостатокот на флексибилна и практична образовна структура која некако насетував дека може да се промени преку ефективна употреба на новите технологии. Така и започнав да истражувам на кој сè начин учењето како и автентичноста на процесот на учење може да се промени и зајакне, да се измени и фати еден поинаков дискурс. Некако секогаш во текот на моето образованието партиципативноста и интерактивноста беа оние аспекти кои ми недостасуваа, и некако тој недостаток го поврзав со можностите кои ги пружат новите технологии, посебно новиот Веб 2.0. Така станав љубопитна за апликативноста на овие нови алатки со цел учењето да претставува задоволство а не обврска и мачење.
Во меѓувреме, по една друга линија доста соработував со млади луѓе и патем го испитував начинот на кои тие му пристапуваат на учењето и како ги користат новите технологии. Сето тоа ми даде доволен инпут да започнам позаинтересирано да се вклучам во овие општествени расправи, кое во моментот се поткрепени со сите оние образовни реформи кои на голема врата го внесуваат користењето на новите технологии во образованието. Станав доста будна и критична кон она што подразбира ефективна употреба на ИКТ во образование, и се надевам дека моето согледување ќе успеам да ви го презентирам во ЕдуМуабети.
Во твојата презентација особено внимание се посветува на потребата да се знае КАКО денешните ученици учат. И сега некој може да го постави следново прашање: зошто е ова толку важно? Зарем се менува начинот на којшто учениците учат? И каква врска има ова со технологијата?
Новите технологии го поврзуваат знаењето и искуствата притоа овозможувајќи појава на ново знаење кое не е втемелено на апсолутна вистина туку на човечка вистина. Денешното учење кои ги вклучува новите технологии подразбира партиципативност, достапност до информациите, можност за избор како и можност да се конструира знаењето според сопствени преференци и сопствен избор. Во исто време тоа знаење е дискутабилно, разменливо, партиципативно. Учењето повеќе не преставува поседување на одредени информации и нивна повторливост туку преставува процес на вклучување на тие информации во ситуација која е реална, со вештини и знаења кои ни се на располагање нам инидивидуално и на групата во која работиме т.е учиме. Според тоа, учењето денес повеќе од било кога е комуникациски процес, а новите технологии се медиумот преку кој се конструира знаењето. Може да се каже дека новите технологии самите стануваат медиумот врз кои се конструира знаење а не само алатка со која се учи. Со новите технологии ученикот се поставува во една далеку пофлексибилна позиција, во позиција на целоживотен ученик, но и ментор, појаснувач, спремен за дискусија, влијателен актер во конструкција на знаењето. Значи од еден до сега многу познат процес на еднонасочно емитување на информацијата и знаењето се преминува во еден партиципативен, мрежен начин на учење, каде сите агенти вклучени во процесот на учење допринесуваат во конструкција на искуството и знаењето. Со новите технологии улогата на ученикот итекако е еманципирачка, посвесна и поодговорна.
Фокусот на твојот магистерски труд е користењето на ИКТ во средните училишта. Зошто токму средното образование? Сметаш ли дека ова е најсоодветната возраст за интеграција на нови технологии во формалното образование?
Средното образование го избрав затоа што некако „патот ме навеа на таа страна“ и како што претходно истакнав, доста долго време професионално и како психолог работам со таа возраст. Според тоа, средното образование ми е најпознато и тука го насочив моето истражување. Лично сметам дека средното образование не е најсоодветната возраст за интеграција на новите технологии во формалното образование. Би рекла дека оваа возраст е круцијална, но не кога станува збор за образовниот процес. Денешните генерации се раѓаат во едно поинакво технолошко опкружување кое влијае врз нивните образовни потреби, според тоа, интеграцијата на новите технологии треба да постои уште во најниското образовно ниво. Искрено, новите технологии денес го преиспитуваат постоењето на училиштето и образовниот систем, иако сметам дека училиштата уште долго ќе постојат, но ќе мора соодветно да се трансформираат и да се приклонат кон новите образовни потреби. Кај нас, денес е актуелна реформата на интеграција на новите технологии во училиштата сепак, имам чувство а и фидбек од директните имплементатори на реформите како што се наставниците и учениците дека процесот на интеграција на новите технологии во образовниот процес се спроведува неорганизирано, на неиспитан терен и непроверени потреби и вештини. Мојата магистерска тема ќе се обиде да одговори токму на прашањето што е досега направено на полето на ваквите образовни реформи, како се спроведувал процесот на реформирање во образованието, кои се ефектите и како истиот е примен од страна на наставниците и учениците. Едно е сигурно, сè додека одредена образовна структура не се чувствува комотно и сигурно во користење на новите технологии во образованието, сè дотогаш ќе постои отпор и ќе се јавува привид на спроведена реформа. Воедно, досега се спроведени мноштво на проекти и програми, како владини така и невладини, за имплементирање на ИКТ во образование, меѓутоа тие програми се изолирани островца, кои се глуви за меѓусебните постигнувањa и кои досега не ги искористиле промените и постигнувањата на претходниците. Поради тоа, постојано се има чувство дека сè почнува од почеток и дека прогресот е бавен.
Дарко Булдиоски ни обрна внимание на работата на Аница Петковска (иден гостин во ЕдуМуабети) во поглед на нејзиниот фокус на интеграција на нови технологии и нови медиуми во наставната работа. Сигурна сум дека има и други вакви свежи пристапи на поединци едукатори низ Македонија. Имаш ли ти некој добар пример на иновативна интеграција во ова поле? Од друга страна, ова се претежно иницијативи на микро ниво (работа на еден професор во рамките на еден наставен предмет). Ќе успеат ли вакви изолирани напори и нивната афирмација да ги променат генералните мислења и тенденции или се потребни иницијативи на повисоко/пошироко ниво?
Ти благодарам што го потегна ова прашање. Дел одговорив во претходното, но еве би се навратила повторно. Моите информации укажуваат дека сеуште успешната имплементација на ИКТ во образование е лична иницијатива на професорот и учениците. Значи како и ти, и јас знам и следам неколку успешни примери на наставници како што се Мите Ристов (http://www.geografija-bt.tk/) и Даниела Ристова (http://www.geo-sugarev.tk/) од Битола кои работат со своите ученици на еден поинаков и доста интерактивен начин со цел пореално да им ги доближат предметите кои ги предаваат, географијата во овој случај. Прашањето ми е мене поинаку, како овие наставници се вреднуваат, како тие прераснуваат во позитивни модели и промотори на успешна интеграција на ИКТ во наставен процес? Сè додека државата, или министерството за образование, не најде начин да ги промовира како позитивни модели, сè дотогаш дискутабилно е и колку ќе трае нивниот ентузијазам. Новите технологии искористени во склоп на наставата бараат уште поголема свесност, осетливост, пристап и методологија на работа. Нивната имплементација на ова рано ниво на постоење во Македонија бара голем ангажман, желба и посветеност. Новите технологии го претвараат училиштето од училиште од 6 часа во 24часовно училиште, училиште вон зидовите на училишната зграда. Тоа се однесува и на оние кои го водат целиот процес, а тоа се наставниците, кои не само што треба да знаат да манипулираат со овие нови технологии туку потребно е да го сменат начинот т.е. методологијата на работа, која лежи во основата на било која успешна имплементација, како и да се сигурни и да ја познаваат апликативноста на новите алатки. Јас искрено се надевам, дека кога ќе завршат обуките во училиштата за Едубунту, кој според мене е само еден аспект од успешно користење на новите технологии во наставен процес, дека наставниците ќе се чувствуваат поспремни да комуницираат меѓусебно и да делуваат во согласност со тоа. Најтажно според мене е тоа дека во склоп на училиштата постои обучен наставен кадар, но дека повторно сите се ставаат во ист ќош и поминуваат низ истите обуки. Со ова мислам дека најчеста е ситуацијата кога обучениот кадар не се користи како ресурс во однос на трансфер на знаењата и методологијата на работа со новите технологии за оној наставен кадар кој помалку е запознат со новите технологии. За успешна реализација на интеграцијата во образовниот систем потребно е чувство на комотност и сигурност кај наставниците за користење на новите технологии, достапност на ресурси и можност за размена на искуствата и нивен развој.
Воведувањето на било каков новитет во образованието е долг и прилично макотрпен процес. Имаш ли сознанија/мислења околу тоа каде навистина лежат препреките на патот кон целосна интеграција на новите технологии во македонските средношколски училници? Подготвени ли се македонските средношколци за вакви промени во образованието? А родителите? Наставниците? Училишните администратори? Надлежните владини институции? Зошто се оди толку споро?
Толку добро се поставени прашањата што се надополнуваат едно со друго. Значи околу дел од препреките во директната имплементација јас кажав во претходното прашање и не би сакала да се навраќам. Училишната администрација како и наставниците нема визија што со новите технологии во наставниот процес, не наоѓа за потребно да се организира училишната средина во однос на достапност на овие технологии, и многу малку е вклучена на ниво на микроменаџмент. Значи училишната администрација не ја превзима одговорноста за успешна имплементација на овие образовни реформи во училиштето, бидејќи не се ставени во позиција сами да го менаџираат процесот, мотивираат вработените и стратешки пристапат кон оваа проблематика. Со програмата „Компјутер за секое дете“ вие ретко ќе се сретнете со техничка служба во училиштето кое се грижи пред сè за таа скапа и огромна инфраструктура, (иако многу истражувања покажале дека постоењето на доволно компјутери за настава не е предуслов за ефективна настава). За надлежните владини институции би рекла дека не направиле никаков need assessment, или пак нема никаков транспарентен приказ од кој тргнале во реформирањето, од кој ќе започнат со имплементација на оваа стратегија. Чекорите на имплементација на оваа програма конкретно според мене се погрешно поставени, и не нудат никаков увид во досега стореното од страна на многу локални и интернационални програми што значи и дека не ги користат веќе изградените човечки ресурси и ресурсите на досега спроведени практики на терен.
За родителите ќе кажам дека сеуште нивниот пристап кон формалното образование на нивните деца е многу ограничен. Сеуште не се развиени соодветно интеракативните училишни портали кои ќе бидат отворени и за родителите и кои ќе можат на тој начин да имаат увид во прогресот на учениците. Неретко родителите се игнорантни за компјутерската и дигиталната писменост на своите деца, сеуште се далеку поназад со применливоста на новите технологии. Но иако ова е неминовен ефект т.е. очекуван генерациски јаз, од друга страна сеуште во Македонија поради неповолната економска ситуација голем број на ученици немаат можност да ги користат новите технологии дома, што директно се одразува и на нивното восприемање и учење во склоп на наставата, сè додека самата настава не го заменува овој недостаток и е до толку организирана да им дозволи на ваквите ученици потполн развој на компјутерската писменост и вештини.
Во мојот друг блог (Elena's Red Marker) често издвојувам нови (и комплетно бесплатни) технологии погодни за користење во образованието. Посебно ме интересираат мислењата на едукатори ширум светот коишто активно ги користат овие алатки (пример Edmodo и Animoto). Други едукатори од различни географски локации исто се обидуваат да ги запознаваат своите читатели со низа интересни апликации коишто можат да се користат во училниците (на пример Recess Duty блогот и FreeTech4Teachers). Од каде ти добиваш информации за новите технологии коишто постојано стануваат достапни за заинтересираните едукатори?
Најмногу од Интернет, се разбира. Најинтересно е дека додека нашите наставници се учат како да раководат со одреден оперативен систем или технологија, таму надвор, не мислам само на надвор од границите на Македонија, туку и таму надвор во сајбер просторот, наставниците и учениците се здружуваат во однос на развој на соодветни курикулуми за настава. Постојат многу такви сајтови, алатки кои можат многу едноставно да се искористат. Овие апликации барат време и посветеност, самата дискусија во овие онлајн простори, форуми, блогови, бара постојана свесност, алертност, желба за запознавање со новитетот. Апликативноста доаѓа после тоа. Интернетот денес изобилува со различни можности за интеграција на новите технологии во настава. Но работата е како да се излезе од структурата и таа да се трансформира, бидејќи самите нови технологии носат голем трансформативен ефект од секој аспект. Како тоа да се изведе е многу комплексно прашање, но и прашање кое треба да тргне од оние кои директно ги користат овие нови алатки, учениците и наставниците.
Што би му препорачала на секој средношколски наставник кој сака да интегрира нови Веб 2.0 алатки во својата наставна програма? Од каде да почне и како да постапи?
Секоја веб 2.0 алатка има своја специфика и намена. Наставниците во склоп на наставното градиво кое го пренесуваат во текот на наставата треба да детектираат за кои прашања може да се искористат Веб 2.0 алатките и да бидат спремни да го променат фокусот на одговорност кон учениците но притоа и да ги мотивираат на учество. Видете, ваквиот начин на работа со Веб 2.0 е поинаков начин на размислување и активност, и не можеме да очекуваме учениците веднаш и сите да го присвојат. Нуди голема отвореност и креативност и критичност, но не е само алатката предуслов да се изрази и сподели мислењето, треба да постои цел систем на поддршка кој систематски и континуирано работи во однос на промоција и употреба на овие алатки. Учениците во Македонија не се ниту формално ниту неформално обврзани да користат веб 2.0 алатки затоа што таа активност не е вреднувана, не е дел од наставата и се смета дека не го поддржува знаењето, т.е тоа знаење развиено преку веб 2.0 алатките не се валоризира. И овде како и кај наставниците сè е оставено на лична иницијатива. Јас не сум сигурна дали воопшто во новите образовни реформи е предвидена и употребата на веб 2.0 алатките, но како и да е, неминовно е нивното постоење како и потребата за што поголема инклузија во образовниот систем. Посебно затоа што образовниот систем веќе има одредени основи за употреба на овие алатки, како што се проектните активности и воннаставните активности.
Радмила, благодарам што ме дружеше во ЕдуМуабети!
Ти благодарам и тебе на поканата. Се гледаме со поавтентичен update на ситуацијата:)
"...се појавуваат млади едукатори на кои им претставува задоволство да прикажат што тие со своите ученици работеле и постигнале. Се надевам дека ќе има се' повеќе такви примери, и дека следниот саем на образование наместо со естрадни уметници ќе биде пополнет токму со студентски проекти од различни области..."
Здраво Дарко и добредојде во ЕдуМуабети. Ти си ми првиот гостин за којшто искрено се двоумев дали прво да те викнам во Еду или во МаркетингМуабети (за тие што не знаат зошто Дарко е добар кандидат за двоен муабетџиа, еве го неговиот профил). Сепак, ајде да се концентрираме на образованието во овој муабет, па подоцна се гледаме и на соседниот терен. Во последниве 10 месеци си (меѓу другото) асистент на New York University во Скопје. Како се чувствуваш како активен дел од образовниот систем во Македонија?
Па активен дел од системов сум најголем дел од мојот живот, само што сега за прв пат сум од другата страна :). Интересно е, и навистина е предизвик. Да се биде во ситуација да се пренесува знаење и искуство е убава работа. Да се создаде атмосфера кога сето тоа оди глатко и со задоволсто од двете страни - предавачот и студентите - е тоа е уште подобро.
Кога би имал тотална слобода и одврзани раце, кој проблем во македонското образование (на било кое ниво) би го решил? Како?
Уф, премалку знам за целокупниот стадиум во кој се наоѓа македонскиот образовен систем. Јас ја имам таа среќа да работам во приватна установа која се грижи да ги спроведува своите активности по најновите стандарди и според современи програми. Но сепак, кога би имал некое магично стапче кое делува на сите, веројатно би започнал со внесување повеќе млади кадри во образованието. Би ги свел на минимум оние кои работат по исти програми и со исти учебници со кои ја направиле првата програма кога се вработиле. Како? Тешко и со многу осуди, тоа е сигурно :)
Со Игор Мишевски зборувавме околу светските тенденции за ослободување на наставните материјали и феномените од типот на AcademicEarth и YouTubeEdu. Игор смета дека македонските академски институции нема во скоро време да го отворат слободниот пристап кон наставните содржини, барем додека не се во директна конкуренција со Европските Универзитети (по отворањето на границите). Што мислиш ти на оваа тема? Со сложуваш ли со ова или не е се' така затворено, тајно и љубоморно чувано во Македонија?
Не е се' така црно, надежи има. Треба само да се работи на микро ниво. Многумина навистина не знаат дека е едноставно и корисно да се објавуваат тие материјали. Едноставно, како систем, навикнати сме да функционираме нетранспарентно. Многумина се срамат од своите дела, т.е. не во буквална смисла се срамат колку што сметаат дека тие се комплетно непотребни за пошироката јавност. Напротив, секое мое искуство во последниве неколку години, од кога започнав да предавам (зборувам) јавно, покажува дека дополнителни информации и преповторување секогаш е потрбно.
Работите се менуваат, се појавуваат млади едукатори на кои им претставува задоволство да прикажат што тие со своите ученици работеле и постигнале. Се надевам дека ќе има се' повеќе такви примери, и дека следниот саем на образование наместо со естрадни уметници ќе биде пополнет токму со студентски проекти од различни области.
Ајде да зборуваме малку за Glocal. Оваа конференција ќе се оддржи по трет пат во Октомври 2009. Темата оваа година е (на моја лична голема радост) Inside Social Media иако и во претходните години темите беа од сличен карактер (Блогови и Медиуми во Транзиција). Ти имаш голема улога во организацијата на овој интересен настан и ме интересира твоето мислење околу нешто. Разгледувајќи ги материјалите од ланскиот Glocal не можам а да не забележам дека ваква конференција со прилично актуелни теми успешно привлекува професори и академски кадар од образовните институции во регионот. Иако македонската бизнис заедница полека ја прифаќа неопходноста за фаќање чекор со технологијата и новите медиуми, локалната академската заедница ми се чини дека каска. Навистина ли е тоа така или пак имам грешна претстава?
Зависи како гледаме на работите. Во некои моменти мене ми се чини дека ситуацијата е обратна, дека бизнис заедницата е таа што е поназад. По некое непишано правило, бизнис заедницата е таа која прва ги прифаќа новите работи, а подоцна тие нови работи влегуваат во академскиот свет. Локално, бизнис заедницата на некое стратешко ниво скоро и да нема ништо прифатено. Секако, има позитивни примери кои допрва ќе надвладеат, но сепак темите за кои дискутиравме минатата година на конференцијата не беа екстра нови, збрувавме за работи кои започнаа да се развиваат од 2003 со зенит во 2005-2007 година. Оваа година имаме тема која комплетно се надврзува на претходната, но оваа година имаме и локална експазија на друштвените медиуми (social media) и во бизнис и во академскиот сектор, па очекуваме поинтензина дебата.
Друг проблем, ако така може да се нарече, е токму она што го спомнав во претходното прашање. Постојат семинарски и дипломски и магистерски на млади студенти кои ги третираат овие теми, но не го гледаат светлото на денот за пошироката јавност.
Во малку различен правец: има ли образовни институции (во Македонија или странство) коишто мислиш дека одлично ги користат сите нови капацитети што ги нуди технологијата? Јас сум, на пример, голем фан на блоговите на Ithaca College. Имаш ли некој пример што те има пријатно изненадено?
Сите нови апликации???? Нема :), а и не треба па и не може да има. Денес има толку многу апликации, сервиси и алатки што навистина човек може да си замисли што му е потребно за одреден проект и да појде на интернет и да си ја најде најсоодветната алатка за своите потреби.
Има примери, и локално и глобално, се разбира. Пре неколку години во, условно речено, раните денови на развој на локалната блогосфера, имаше неколку професори од средни училишта кои ги користеа блоговите како алатка во нивната настава. Не знам сега дали се тие уште активни, но во тоа време имаа прилично солидна имплементација на блоговите во нивната програма. Барем така изгледаше од моја перспектива. Студентите по новинарство на повеќе факултети исто така користеа блогови и wiki страници. Она што се појавува како случај кој се повторува е фактот дека учениците ги гледаат овие работи како дел од домашната работа за на училиште или факултет и во моментот кога ќе ја добијат оценката најголем дел од нив ги прекинуваат активностите на оваа тема, без разлика на тоа што успеале за кратко време да создаадат релативно успешен медиум. Во поново време, локално се воодушеввам на работата на една професорка од Гостивар, Аница Петковска (http://nasiotklas.blogspot.com/) која навистина доста експериментира и вклучува нови медиуми и нови алатки во својата работа. (Забелешка на Елена: Аница е на листата на идни гости во ЕдуМуабети).
На глобално ниво, во последно време, а богами и не само во последно време, се воодушевувам на активностите на Howard Rheingold. Тој го создаде пакетот на апликации наменет за едукативни потреби наречен Social Media Classroom. Покрај тоа, преку своите предавања и лекции (кои скоро задолжително се појавуаат на неговиот влог) тој ги пренесува суштинските работи кои мора да се разберат при промената на начинот на едукација и при употребата на овие нови алатки во ова ново време.
Ајде да зборуваме малку за денешните студенти. Претпоставувам дека како асистент си во постојан контакт со оваа група на млади луѓе. Гледаш ли некои разлики помеѓу начинот на којшто студентите гледаат на високото образование сега во споредба со претходните (нашите) генерации?
Да почнам со негативниот став или со позитивниот? Ајде, бидејќи сум оптимист по природа, ќе зборувам само за позитивните примери.
Да. Има промени. Студентите се послободни да споделат мислење, дури, што сметам дека е крајно позитивно, и да се спротивстват на ставовите на предавачите. Ова секако не е некој доминантен дел од групата, туку се сведува на помала група, но често и таа е доволно мотивирачка за развој на целата работа. Секако долгогодишната, да не речам долгодецениска традиција, да се молчи и безрезервно слуша зборот на профсорот е присутна. Моето лично искуство при работата на Њујорк Универзитетот во Скопје вели дека е многу подобро кога се работи во мали групи каде нема голема можност за криење. Учеството е задолжително, едноставно и мојот пристап е комплетно адаптиран како една колаборативна активност, па оттаму доколку не се вклучат студентите активно, часот ќе биде крајно досаден.
Дарко, ти благодарам што беше гостин во ЕдуМуабети и се гледаме наскоро и во МаркетингМуабети.
Благодарам за поканата, ми беше задоволство. И се разбира, со задоволство ќе дојдам и два линка полево во Маркетинг Муабети.
"...за очекување е дека помладиот кадар е поподготвен во поглед на континуираната едукација, но праксата не го покажува тоа. Дури ми се чини дека спремноста за постојана едукација е повеќе во корелација со степенот на соработка на компанијата во која работи менаџерот со развиените земји, од каде што потоа ги увезуваат и усвојуваат навиките како свои..."
Здраво Елизабета и добродојде во ЕдуМуабети. Твојот LinkedIn профил сведочи за богатото искуство во многу сектори. Меѓу другото, последниве 6 години си Извршен Директор на Бизнис Едукативниот Центар. Какво е местото на овој (и сличните центри) во образовната сфера во Македонија?
Благодарам на поканата...Местото на овој и сличните центри е во делот на неформалното образование за возрасни и/или доживотно учење. Во 2003та година кога се отвори Бизнис Едукативен Центар, како приватен тренинг центар фокусиран на отворени програми од областа на менаџент, мислам дека беше прв, или јас барем немав информација за постоење на таков во тоа време. Денес веќе има поголем број на вакви центри, здружени се во асоцијации, групации и комори. Направивме нешто, но има уште многу работа за да си завземат позначајно место.
Колку се македонските менаџери спремни да инвестираат во своето знаење? Постојат ли некои препреки/предрасуди коишто ги кочат во ова посветување кон континуираното учење?
Ова прашање се поставува во континуитет откако се занимавам со оваа дејност, а направени се и многу истражувања, но не верувам дека некој го има прецизниот одговор. Како и да е, прашањето ги содржи трите клучни работи околу кои се занимаваме сите ние кои ги анализираме потребите на компаниите. Мој личен впечаток е дека сите сакаат обуки, сите ја гледаат и не ја спорат користа од обука, но околу одговорите на клучните прашања: инвестиција, препрека и предрасуда - ќе се занимаваме уште некое време.
Кој вид на менаџмент обуки се најпопуларни во Македонија? Има ли одредени сегменти во менаџментот на коишто македонските фирми најмногу се фокусираат?
Немам прецизни сознанија и не би можела да дадам конкретен одговор. Но од досегашното искуство знам дека оние компании/менаџери кои користат обуки, точно знаат што им треба, дали го добиваат тоа што го очекувале и прават одлична проценка за квалитетот на обуката.
Во постојан контакт си со македонски менаџери од различни профили. Моја (можеби научно неоснована) претпоставка е дека постои некаков јаз помеѓу она што многумина го нарекуваат 'постара класа менаџери' и помладиот кадар којшто поскоро излегол од академските средини. Дали е тоа навистина така? Постои ли разлика помеѓу овие две групи во поглед на подготвеноста за континуираната едукација?
Не би се сложила со оваа класификација. Точно е дека има различни модели на менаџери, но тоа не е врзано со возраста (за жал) туку со менталниот склоп на индивидуата. Ова го кажувам од аспект на тоа дека за очекување е дека помладиот кадар е поподготвен во поглед на континуираната едукација, но праксата не го покажува тоа. Дури ми се чини дека спремноста за постојана едукација е повеќе во корелација со степенот на соработка на компанијата во која работи менаџерот со развиените земји, од каде што потоа ги увезуваат и усвојуваат навиките како свои отколку со возраста.
Ми падна напамет една случка на обука, не директно врзана за ова прашање, каде што имаше учесник – госпоѓа со уште малку години до пензија. Отскокнуваше од средината визуелно и со нејзиното аристократско, помалку надмено држење. Делуваше како да не се чувствува пријатно во групата. Нам како тренери, веднаш ни падна во очи и се прашувавме дали ке ја издржи 4 дневната доста напорна обука. Подоцна таа се' позаинтересирано слушаше, активно и ревносно ги извршуваше вежбите, за да на крајот на обуката пред да си одиме ни пријде, и со насолзени очи ни кажа дека многу и е жал што порано немала можност да следи таква обука, бидејќи пронашла одговори потребни, не само за нејзината професија, туку и за многу животни прашања – што е сосема точно. Како што реков, не е директно врзана со прашањето, но отвара теми за размислување.
Ајде да се осврнеме малку на високото образование во Македонија. Кое е твоето мислење околу тоа дали и колку македонското формално високо образование солидно ги потковува идните менаџери со знаења потребни за успешно менаџирање?
Широка тема. Високото образование опфака приватни и државни универзитети, како и подготовка на многу различни профили. Направени се доста измени и во приватниот и во државниот сектор и сигурна сум дека високообразовните институции работат на солидна подготовка на идните менаџери. Внесени се многу новини на факултетите кои сигурно придонесуваат кон подобар квалитет на завршените студенти.
На какво ниво е соработка помеѓу академските институции во Македонија (државни и приватни) и бизнис заедницата? Постои ли комуникација и повратни информации со цел да се подобрат образовните програми и да се овозможи подобра квалификација на идниот кадар?
Соработката на државните институции е во некоја почетна фаза, но има тенденција да се подобрува. Од приватниот сектор немам информации, но верувам дека има добра соработка со бизнис заедницата.
"Денешните ученици и студенти се спремаат за работни места кои воопшто не постојат, а она што го учат во почетокот на своето образование застарува дури и пред да дипломираат/матурираат."
Здраво Игор и добредојде во ЕдуМуабети. За тие што не те познаваат, твојот професионален профил е достапен на LinkedIn. Меѓу другото, имаш импресивно искуство во низа не-профитни организации во Македонија. Во последната година, како партнер во Решенија и управител на Нова Солутионс, твојата работа има и допирни точки со образованието (конкретно е-учење). Ајде да зборуваме малку баш на оваа тема - учењето на далечина или е-учењето во Македонија. Постои ли конкретна потреба за вакви методи на учење во релативно мала држава како нашата?
Здраво Елена и благодарам на топлото добредојде, убаво се чувствувам во рамките на твојот нов блог :). Голем дел од моето искуство е поврзано со разни обуки, тренинзи и работилници од неформалното образование, а како дел од Нова Солутионс навлегувам во сферата на е-учењето.
Живееме во бурни и брзи времиња. Денешните ученици и студенти се спремаат за работни места кои воопшто не постојат (кога студирав јас е-учење и е-бизнис не постоеше во оваа форма како денеска), а она што го учат во почетокот на своето образование застарува дури и пред да дипломираат/матурираат.
Она што јас лично го чувствувам од аспект на образованието е дека класичниот пристап на едукација МОРА да биде надминат. Класичното предавање треба да биде заменето со обука на младите луѓе како да решаваат проблеми и како да учат. Се' останато од аспект на користење на учебници и прирачници треба да биде заменето со користење на интернет ресурси и е-учење.
Заврши периодот на скрипти и купување на книги од универзитетските професори, бидејќи денеска многу млади професори своите предавања ги имаат на веб страната на нивниот предмет. Оттука и ја гледам потребата за е-учење во најразлична форма кај нас, но и секаде во светот.
Кои се, според тебе, препреките коишто треба да се урнат пред една образовна институција да биде спремна за имплементација на е-учење проект? Има ли некој вид на отпор кон овие релативно нови методи на едукација? Зошто?
Ако направиме паралела помеѓу сите факултети (државни и приватни) ќе видиме дека секојa институција којa во својот состав има факултет за информатика или електротехника поседува свој систем за е-учење од кои најголем дел сите базирани на Moodle. Овие технички факултети интензивно ги користат придобивките на е-учење, додека останатите факултети ги користат овие системи единствено за објавување на одредени соопштенија.
Средните училишта имаат поинаков концепт, но со воведувањето на компјутеризацијата и Edubuntu како оперативен систем се јавува потреба од воспоставување на системи за е-учење, но имајќи го во предвид менталитетот на професорите (посебно постарите), убеден сум дека сме далеку од тоа.
Образовните институции пред воведување на напредни технологии секогаш имаат проблем сами со себе. Значи се' на се' промените тешко се прифаќаат, и нив мора да ги донесат новите генерации. Така да мислам дека времето ќе си донесе се', и мислам дека најдобрите времиња за е-учењето во Македонија допрва доаѓаат.
Facebook, LinkedIn, Twitter (ти си mishevski на Twitter). Блогови, микроблогови, социјални мрежи. Имаат ли овие технологии свое место во образованието? Зошто?
Одговорот е секако ДА. Социјалните мрежи, блоговите и микроблоговите општо ја поместија границата на приватноста, бидејќи сега преку нив дознаваме многу работи за нашите колеги и пријатели, кои можеби никогаш не би ги дознале, а ги споделуваме со нив. А секако преку овие алатки се раѓаат и нови пријателства :).
Образованието треба да е отворен процес, да се споделуваат знаењата, информациите. Јас лично преку twitter учам 50% од она што ми е потребно да го знам во мојот бизнис, што тековно се случува. Во некои од Европските земји (пр. Велика Британија) во образованието е дозволено користење на twitter за пуштање на белешки во текот на наставата.
Исто така мислам дека овие алатки се потребни во образованието за отворање на знаењата, но лично сум скептик поради тековните движења кон догматизација на образованието.
Постојат ли други технологии коишто го менуваат образованието?
YouTube денеска е технологија која нашироко се користи за Упатства или таканаречените “How to” кои денеска преставуваат многу битен аспект на образованието (посебно на неформалното) кои и јас ги користам.
Видеоконференцијата е уште една технологија која може да ги помести границите на она што ние го познаваме под зборот образование. Лично не сум голем фан на класичното образование, така да сите технологии најпрвин би се примениле во некоја друга сфера, пред да добие вистинско значење во образованието во Македонија.
Се случуваат низа промени на глобално ниво, диктирани од развојот на технологијата, коишто резултираат со ослободен пристап до информации од секаков карактер. Факт е дека многу образовни институции во поразвиените држави почнуваат слободно да ги споделуваат наставните материјали со секој којшто е заинтересиран да учи. Ќе го споменам тука Stanford University со својот iTunes канал (http://itunes.stanford.edu/) или релативно поновиот феномен наречен YouTubeEdu (http://www.youtube.com/edu) кадешто се достапни комплетни видео предавања од најелитните образовни институции ширум светот. Мислиш ли дека се видливи слични тенденции и во Македонија? Спремни ли се (стратешки и технички) македонските образовни институции за ослободување на пристапот кон академските материјали?
Слободата на знаењето и информациите е во експоненцијален раст. Општо со интернетот слободата на делење добива на значење, слободата на информации станува неприкосновена. Во најголем дел слободата на знаење (иако не подразбира) значи и бесплатно знаење и поради тоа лесно достапно до секој поединец.
И јас користам еден портал AcademicEarth кој за само 3 месеци направи еден милион посети, и многу сум задоволен.
Македонија во овој контекст е многу далеку, бидејќи денеска речиси секој професор своето знаење (препишано или сопствено) го материјализира во книги, а потоа и во пари. Во догледно време нема да има отворање на содржините од страна на академските институции. Во моментот кога Македонија ќе стане дел од Европската заедница, или уште со отворањето на границите, ќе мора да се натпреварува со Европските Универзитети а тоа подразбира и отворање на пристапот до материјалите.
Иако во малку различен правец, интересен е и твојот постдипломски труд работен во рамките на твоите студии на Факултетот за Бизнис Економија. Во него се фокусираш на недостатокот на системски пристап кон развивањето на лидерски и претприемачки вештини кај Македонските студенти. Кои се според тебе проблемите што резултираат од ова непосветување на внимание на овие вештини кај идните лидери на Македонија?
Лидерството и претприемништвото е потреба на секое општество да оди напред.Во Македонија во рамките на образованието сите се подготвуваат да бидат на некое работно место почнувајќи од техничари, па до директори т.е. сите се спремаат да влезат во некој веќе креиран систем. Проблемот е што таков систем не постои, или доколку постои постојано се менува, а тоа значи дека се потребни луѓе со организациони и иновативни способности кои се спремни да го менуваат системот.
Како и што кажав погоре ние преку класичното образование добиваме работници или менаџери, а во никој случај problemsolvers (решавачи на проблеми). Затоа и тешко се справуваме со промени и притисок, бидејќи кај нас работатa значи време од 9 до 5, а не остварување на резултати. Оттука недостатокот од лидери кои ќе ги организираат и мотивираат луѓето и системите и недостатокот од претприемачи кои ќе го поттикнат развојот значи постои застој во целокупното општество.
Според тебе, на какво ниво е соработка помеѓу академските институции во Македонија (државни и приватни) и бизнис заедницата? Постои ли комуникација и повратни информации со цел да се подобрат образовните програми и да се овозможи подобра квалификација на идниот кадар? Како мислиш дека може да се унапреди оваа соработка?
Единствен мост помеѓу академските институции и бизнис заедницата се Business Start-up Центрите и Бизнис Инкубаторите кои во пракса користејќи ги академските потенцијали (од формално и неформално образование) им помагаат на новите бизниси за нивен развој.Општо обратниот линк не постои т.е. програмите на образовните институции не се воопшто во корелација со потребите на бизнис секторот. Ова е причината на неквалификуваниот кадар кој што се нуди на пазарот на трудот. Јас на својот факултет учев работи кои на светот му требаа пред 30 години, а она што беше актуелно, немаше ни „а“ од него.
Оваа соработка може да се унапреди исклучиво преку формирање на задолжителна пракса за најголем дел од предметите во сите институции и постојано унапредување на образовните програми. Меѓутоа, јас мислам дека ова нема да се случи, најповеќе поради тоа што во тој случај и професорите ќе мора да „доучуваат“ и да го зголемуваат своето знаење следејќи го развојот во нивниот сектор, а тоа е претешко за нив и за нивните катедри и фотелји :).
На крај, сакам да ги охрабрам сите млади луѓе да продолжат со својата едукација, бидејќи „човекот учи додека дише“. Денеска никој не смее да си го дозволи луксузот да не се едуцира, бидејќи тоа може да го чини прескапо.
Игор, ти благодарам што беше гостин во ЕдуМуабети.
Овој блог е дел од серијалот Муабети . Во ЕдуМуабетите ќе се концентрирам на образованието во Македонија. Моментално немам некој конкретен план и програма за тоа со кого се ќе правам муабет на тема Образование, така да сум отворена кон сугестии за личности коишто а) би имале нешто интересно да кажат и б) би го кажале тоа тука.
Ако низ глава ви се вртат потенцијални имиња, олеснете си тука:
Сугестии за гости во ЕдуМуабети
Thank you, your message has been sent
Сакаш да ги добиваш сите нови ЕдуМуабети во твојот email?