07. Биљана Пешевска 06/10/2009
"...Замислете каков краен производ/услуга ќе добиете доколку производство не го слуша маркетинг за барањата на пазарот, доколку маркетинг не ги слуша барањата на клиентите пренесени од продажба, доколку продажба не знае што производство планира следно да се прави со производот... Апсолутен хаос!..." ![]() Биљана здраво и добредојде во Маркетинг Муабети. Скоро 2 години работиш како Маркетинг Специјалист во Seavus (целосен LinkedIn профил тука). Што точно подразбира работата на еден Маркетинг Специјалист и која е твојата улога во маркетингот на производите/услугите коишто ги нуди една фирма од профилот на Seavus? Здраво, добро ве најдов :) Како што веќе кажа, јас скоро 2 години работам како маркетинг специјалист во Сеавус. Работата која сега ја работам е нешто што сум замислувала да го работам уште како студент на е-бизнис додипломските студии на Економскиот факултет во Скопје. Остварувањето на контакти и соработката со многу значајни луѓе од целиот свет посебно ме исполнува и ја докажува довербата која Сеавус ја има во мене, како и големината на одговорностите кои ги имам. Од друга страна пак, анализирањето на светскиот пазар, промовирањето на нашите производи на тие пазари, припремање на веб страни за толкав аудиториум, донесување на тие страни на првите позиции на пребарувачи како Гугл и Јаху и многу други помали или поголеми одговорности го надополнуваат мојот профил како еден од маркетинг специјалистите во Сеавус. Сметаш ли дека некој солидно поткован во принципите на маркетингот може да го применува своето знаење во промовирањето на било кој производ или услуга или потребни се дополнителни конкретни знаења? Знаењето од областа на маркетингот подразбира дека маркетерот ги владее техниките и методите кои се користат за да се пренесе пораката, да се привлече вниманието на луѓето и да се предизвика акција од нивна страна. Но, доколку маркетерот не е запознаен со пазарот кои се таргетира, потребите на тој пазар и како маркетираната услуга/производ ги задоволува тие потреби, тогаш и целата конкретна маркетинг кампања ќе биде утната. Силно сметам дека основа за остварување на ефективна маркетинг кампања е потребно солидно познавање на производот/услуга што се промовира. Многу македонски фирми во својата хиерархиска поставеност имаат маркетинг оддели. Традиционално, улогата на овие оддели е да ги промовираат услугите на секоја фирма и со тоа да ја унапредуваат продажбата и, на крајот на краиштата, да креираат профит за фирмата. Меѓутоа, секоја фирма којашто нуди услуги и производи во својот состав има и други оддели (производство, продажба, финансии, итн). Каква комуникација и соработка, според тебе, треба да постои помеѓу маркетинг одделот и другите функции во корпоративниот свет? Зошто? Несомнено, комуникацијата помеѓу департманите во една фирма е основа за создавање на успешен производ, за негово успешно претставување на пазарот и секако за остварување на продажби. Замислете каков краен производ/услуга ќе добиете доколку производство не го слуша маркетинг за барањата на пазарот, доколку маркетинг не ги слуша барањата на клиентите пренесени од продажба, доколку продажба не знае што производство планира следно да се прави со производот... Апсолутен хаос! Која е според тебе најголемата предност на интернет маркетингот во споредба со маркетингот преку некои потрадиционални масовни медиуми како весници, телевизија, радио итн итн? Прва, основна и најбитна предност е тоа што преку интернет промоцијата можете да допрете до специфичниот таргет кој вас ве интересира, додека пак со користење на масовните медиуми (телевизии, весници, списанија, радио) веројатноста дека вашиот таргет ќе ја прими вашата порака е многу помала поради големиот број на пораки кои се пренесуваат постојано! Втора предност е тоа што користењето на интернет медиумите ќе ве чини многу помалку од користење на традициолните медиуми, а сепак пораката ќе стигне до вистинските луѓе. Трето, интернетот е едно магично место каде што луѓето постојано сакаат да научат нешто ново, да го споделат тоа со пријателите, така што доколку вашата кампања е доволно интересна за некого, тој/таа ќе го сподели тоа со своите пријатели, тие со нивните... Четврто, користењето на интернет медиумите му овозможува на вашиот таргет да разговара со вас, наместо само да слуша како што е случајот со масовните медиуми. Оваа комуникација овозможува остварување на подлабока врска со таргетот и креирање на лојалност кон вашиот прозивод/услуга. Како што знаеш има уште мал милион предности кои интернет промоцијата ги има во однос на користењето на масовните медиуми, но сепак за одредени типови на производи/услуги масовните медиуми се неизбежно промотивно оружје. Seavus е една од ретките локални фирми којашто континуирано ги користи корпоративните блогови во својата промотивна стратегија. Каква е улогата на блоговите во рамките на еден маркетинг план? Што мислиш дека е потребно за еден блог да стане успешно маркетиншко оружје? Има ли во Македонија развој на овој план? Блоговите кои ние ги имаме за промоција на нашите прозиводи (ProjectOffice.net, DropMind и PMTips.net) пред сè ги користиме за да им обезбедиме на клиентите и посетителите информации за производот од типот на што ново има, што ќе се прави следно, бараме нивни сугестии за унапредување на производите... Но, покрај ова, ние му даваме и дополнителна вредност на блогот преку пишување на постови кои се во полето на интерес на читателите и кои можат да им бидат корисни за нивната работа. Преку тоа се обидуваме да ја зголемиме лојалноста на читателот кон блогот, а со тек на време и кон производот. Тоа е случајот со блоговите на ProjectOffice.net и DropMind, додека пак PMTips.net го користиме на еден сосема поинаков начин. PMTips.net е блог специјализиран за проектен менаџмент и колаборација, на кој пишуваат повеќе светски експерти од овие полиња, а поддржувач на овој блог е ProjectOffice.net (алатка за проектен менаџмент и колаборација). На овој начин читателите имаат можност да го зголемат своето знаење од овие области, а истовремено и да се запознаат со можностите кои нашата алатка ги нуди. Генерално, блоговите како начин за промоција имаат резултатите кои се гледаат единствено на долг рок и доколку внимателно се управува со неговата содржина. Во спротивно може да ги има спротивните ефекти, што никој и не ги посакува. Сведоци сме (посебно со револуцијата на друштвените медиуми) дека полека се бришат границите на нашиот личен и професионален живот. На пример, со нашите пријатели на Фејсбук ги делиме сликите од нашиот одмор додека во исто време споделуваме и линкови до интересни блогови и написи на теми коишто ни се од професионален интерес. Полека но сигурно, нашите 2 мрежи на контакти (лични и професионални) се испреплетуваат во една и секој од нас го формира својот универзален онлајн бренд (Brian Solis има да каже многу интересни работи на оваа тема). Какви се според тебе импликациите од овој феномен во работата на еден маркетинг професионалец? Иако до одреден степен приватниот и професиналниот живот на интернет се испреплетени, сепак успевам да држам рамнотежа помеѓу нив. Корисник сум на повеќе мрежи кои сами по себе се дефинирани како приватни (на пр. Фејсбук) и професионални (на пр. ЛинкедИн). Контактите кои ги имам на Фејсбук ми се претежно приватни и воопшто не се во таргетот на нашите производи (па затоа и не го користам многу мојот профил таму за промоција на производите). Од друга страна пак, контактите кои ги имам на ЛинкедИн се претежно бизнис контакти кои сум ги запознала во процесот на промовирање на нашите производи и од кои дел станале наши клиенти. Кога станува пак збор за Твитер, не можам да го ставам ниту во едната ниту во другата категорија, бидејќи има сосема поинаков концепт на работење, па го користам и за едното и за другото :) Во секој случај остварувањето на контакти било преку приватни или професионални мрежи не може во никој случај да има негативен одраз врз никого, туку може единствено да му биде од помош на секого. И едно прашање за крај...Ако треба да избереш една македонска фирма/институција која што сметаш дека солидно работи на својот маркетинг (дури и во денешните турбулентни денови) која би била таа (а да не е твојата матична фирма:))? Големината на буџетот и успешноста на кампањата се некако пропорционално зависни. Па, бидејќи 3те мобилни оператори се можеби едниствени кои можат да издвојат толкави буџети за промоција (и сите чекори кои претходат), би рекла дека нивните кампањи и начинот на кој се позиционираат ми оставаат најголем впечаток. Најинтересното е тоа што тие во основа нудат исти услуги, но сепак секој од нив е убаво позициониран на различен сегмент на пазарот. Т-Мобиле е повеќе ориентиран кон семејства, пријатели, блиски; ВИП е насочен кон обезбедување на најниски цени за своите корисници; Космофон ги таргетира младите, образовани луѓе спремни за авантура... Биљана, ти благодарам што беше гостинка во Маркетинг Муабети! Благодарам на тебе што ме покани. Со нетрпение го чекам следниот наш муабет:) CommentsKiro Sutinovski Wed, 10 Jun 2009 06:21:17 Interesen muabet so interesna gostinka!!! Bi bilo odlicno koga bi mozela Biljana vo nekoja naredna prilika da moze povtorno da spodeli nekoe iskustvo so nas! Leave a Reply |








