05. Данче Масларова 05/30/2009
"...Целта на рекламата е да биде видена и запаметена од таргетот, без разлика дали е тоа на телевизија, на радио, на YouTube или Facebook, ако се постува, прераскажува и памети, си ги одработила парите..." ![]() Данче, добредојде во Маркетинг Муабети:) Земајќи во предвид дека си дел од релативно помладиот и амбициозен маркетинг кадар во Македонија, ајде да почнеме вака: која е најголемата заблуда што ти лично ја имаше во врска со маркетингот пред да почнеш да работиш во ова поле? Ти Благодарам Елена за поканата и за иницијативата за блогот, прекрасна, освежувачка и неопходна кај нас. Па, прво да кажам дека сум луда по реклами, ги следам, ги анализирам, едноставно ги сакам. Тоа за мене беше синонимот за маркетинг: мислев дека ќе работам во идилично, крајно креативно опкружување, многу бои и идеи, без бројки, колони, анализи и извештаи. За да разберам дека работата во маркетингот е 90% бројки и анализи а 10% уникатност и разиграност... 10% е доволно добра бројка за да ја работам оваа работа:) Во последниве 8 месеци работиш во Vertigo Visual и тоа во сферата на Интернет Маркетингот, Search Engine Optimization и Copywriting (твојот комплетен LinkedIn профил е достапен тука). На какви продукти/услуги во Македонија им е потребен/корисен Интернет Маркетингот? Има ли индустрии или индустриски сектори (или пак фирми) коишто се лидери во поглед на прифаќањето на новите технологии во рамките на маркетингот? Па Интернет Маркетинг е потребен и корисен на сите компании, бидејќи СИТЕ корисници се на Интернет (benefit делот). Од друга страна Интернет Маркетингот чини помалку, може подобро да се таргетира и се воспоставува по личен контакт со секој потенцијален клиент (cost делот). Кај нас полека но сигурно се осознава значењето на Интернет презентацијата и промоцијата, иако скептицизмот околу ефектите и оправданоста на инвестицијата се уште постои. Малите компании кои нудат услуги мислам дека побрзо ги антиципираат промените и новите технологии, бидејќи едноставно немаат избор, ќе бидат истиснати од пазарот. Во муабетот со Дамјан Арсовски се фокусиравме на интерактивноста во маркетингот. Дамјан тврди дека "традиционалниот начин на маркетинг е завршена приказна, интерактивниот маркетинг е она што навистина ќе ги поврзе компаниите и потрошувачите и ќе создава успешни бизнис приказни." Се сложуваш ли со ова мислење? И ако да, што ќе се случи со традиционалниот пристап кон маркетингот, којшто многу фирми го разбираат како плаќање "дебели" пари за рекламирање во масовните медиуми? Ќе изумре ли? Па не би се сложила дека е завршена приказна, но мислам дека неизбежно ќе дојде до испреплетување, компромис и надополнување на двата пристапи. Традиционалното рекламирање е моќна алатка, а добро изработена и креативна реклама се памети долго и создава силни асоцијации на брендот. Целта на рекламата е да биде видена и запаметена од таргетот, без разлика дали е тоа на телевизија, на радио, на YouTube или Facebook, ако се постува, прераскажува и памети, си ги одработила парите. Светот (читај главно Америка) во последните неколку години се ориентира кон микро-блоговите (главно Твитер). Многу корпорации/институции го сметаат ова за следниот чекор по очигледниот успех на блоговите. Од друга страна, во Македонија сеуште е многу мал бројот на фирмите/организациите коишто имаат конкретен и организиран пристап кон блогирањето. Зошто мислиш дека е тоа така? Па затоа што едноставно не ја гледаат краткорочната предност од истото, а ние како нација сме генерално кратковиди. Потребени ни се успешни домашни примери, кои ќе бидат претставени и објаснети, за компаниите да поверуваат дека тоа е добро за нив. Според мене се' уште кај нас, времето поминато за презентирање на Facebook или Twitter, компаниите го сметаат за забушавање од "вистинската" работа. Но, верувам дека тоа брзо ќе помине. Имаш ли генерално мислење околу поставувањето реклами на социјални медиуми како Фејсбук, МајСпејс итн? Функционираат ли овие реклами? Зошто да или зошто не? Според мене функционираат во однос на импресии, иако, генерално кај нас корисниците се плашат да кликаат на шарени сликички кои велат "кликни ме". Од друга страна, интеракцијата на социјалните медиуми преку страни (pages), групи или профили на кои ќе се нуди квалитетна информација (потенцијален извор на word of mouth промовирање) и ќе се следат потребите на пазарот е подобар пристап за нашето подрачје. Социјалните медиуми се незаменлив извор на информации за профилирање на корисниците и одлична можност за персонален пристап кон нив. Присутноста на Фејсбук е многу важна, компании од сите области можат да си го најдат местото таму, бидејќи едноставно ако некому нешто му треба, го постува, го прашува на статус или отвара дискусија и добива одговор. Word of mouth е многу силен на овие медиуми. Која е, според тебе, најкреативната рекламна кампања произведена било кога во Македонија? А најуспешната интернет маркетинг кампања (исто во Македонија)? Па, мислам дека на Македонскиот пазар во последно време се појавуваат квалитетни реклами, за жал тука се и оние на Hedis и Кафе Браво (најлоши што сум ги видела). Би предложила да го посетите сајтот на Вертиго, ќе најдете доста креативни решенија. Ајде препорачај ни некоја добра книга која што ја сметаш за своја Маркетинг библија...или некој добар блог или слично...нешто што ги има сменето сите твои гледишта кон тоа што се нарекува Маркетинг? Па кога сум во креативна блокада SmashingMagazine i Motiongrapher ме спасуваат...Учам многу од HubSpot блоговите и вебинарите... Данче, фала ти што ми беше гостинка! Ми беше чест да бидам дел од Маркетинг Муабети. Поздрав! ------ ПРАШАЊЕ ОД ЕЛЕНА ДО ЧИТАТЕЛИТЕ: КОЈА Е СПОРЕД ВАС НАЈЛОШАТА А КОЈА НАЈДОБРАТА МАКЕДОНСКА РЕКЛАМА/РЕКЛАМНА КАМПАЊА ВО ПОСЛЕДНИВЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ? СПОДЕЛЕТЕ ВО КОМЕНТАРИТЕ... CommentsSun, 31 May 2009 02:19:10 Jас не го разбирам моментот "Би предложила да го посетите сајтот на Вертиго, ќе најдете доста креативни решенија." , а таму ме пречека "Site not configured". Данче Mon, 01 Jun 2009 04:17:35 Сега е се во ред, маал технички проблем :) Leave a Reply |








