"...Кога ќе размислите, речиси за секоја индустрија, не само туризмот, за 10тина години ќе постои е-Алтернатива и е-Корисник. Вие само треба да бидете е-Маркетер..."

Picture
Елена, добредојде во Маркетинг Муабети. За старт сакам да те прашам: како изгледа еден обичен работен ден на некој кој, како тебе, се занимава со интернет маркетинг? (Елена е моментално интернет маркетинг асистент за ExploringMacedonia.com, а нејзиниот комплетен професионален профил е тука.) Кои маркетинг активности го одземаат поголемиот дел од твоето работно време?

Здраво Елена, пријатно е да се биде е-гостин во Маркетинг Муабети.

Обичен работен ден за нас не постои. Морам да признаам, секој ден е нов предизвик кој често наметнува и многу не-маркетинг активности со цел полесно да ги обработиме оние вистинските е-маркетерски предизвици.

Она што е карактеристично за оваа работна позиција е што целниот пазар е он-лајн. Според тоа и сите маркетинг активности често се врзани за интернет  алатки.  За среќа,  зад мене стои лојална соработка со NextSense, македонска ИТ фирма со визионерски пристап кон технологијата и бизнисот, па често имам можност да практикувам и за мене нови Интернет алатки во комплетирањето на маркетинг миксот.

Секојдневните обврски вклучуваат редовно процесирање на барањата на посетителите на Порталот, он-лајн промовирање на понудата на Порталот и секако усогласување на двете што според мене е клучната работа.  Често она што ние сакаме да го понудиме он-лајн, физички и не постои па мора да се направи. Еве на пример цела година имавме city break пакети (повратен авио превоз од 5 дестинации во Европа со две/три ноќевања во Скопје) кои  можеа да се резервираат и платат само он-лајн на Порталот.  Имаме хотели, имаме авио превозник, само требаше некој тоа да го искомбинира и понуди он-лајн.

ExploringMacedonia.com е македонски туристички портал којшто (по моја скромна претпоставка) има голема посетеност од корисници надвор од Македонија. Како ова ги менува потребните карактеристики на овој сајт (освен јазичните) во поглед на услугите што ги нуди? Имаат ли странските корисници други побарувања/стандарди во споредба со македонските во поглед на тоа како треба да изгледа и да функционира еден ваков портал?

Да, порталот има преку 700 посети дневно, според GoogleAnalytics. Тоа се 255500 различни претежно странски посетители годишно и исто толку различни потреби во однос на туристичката понуда на Македонија.  Бидејќи порталот навистина е одраз на националната туристичката понуда на Македонија, често имаме потреба да ги менуваме работите, да влијаеме на развојот на туризмот воопшто и да предлагаме нов пристап кон туризмот, нови услуги и нов начин на нудење на старите услуги. 

ExploringMacedonia.com од почетокот е дизајниран според потребите на странските туристи и Интернет корисници и се развива во насока на нивните потреби. Македонските туристи сеуште срамежливо резервираат и уште посрамежливо ги користат картичките за он-лајн плаќање. Би рекла повеќе тие се прилагодуваат на нас отколку ние на нив. Вистинските предизвици ни доаѓаат сеуште однадвор. Такво последно искуство ни беше Европското првенство во ракомет за жени. Започнавме продажба на он-лајн билети (е-тикет) која за странците беше особено погодна. Освен превоз и сместување, навивачите резервираа и билети за првенството и натпреварите.

Денес ова решение го имплементираме и за други настани (концерти, манифестации и сл.)

Полето на туризмот е еден од оние сектори коишто од поодамна ја чувствуваат моќта на она што се нарекува содржини креирани од корисниците (user generated content). TripAdvisor.com (датабаза на рецензии на хотели, атракции, ресторани и други доживувања поврзани со туристичката индустрија) функционира уште од 2000 и е авторитативен извор на туристички информации токму поради тоа што овие информации се креирани од самите корисници и не се напишани од маркетинг експерти. Многу туристички објекти го зголемуваат волуменот на својот бизнис токму поради позитивни рецензии од корисниците, додека не се малку и оние коишто се цел на негативни коментари (еве ја, на пример, страната со рецензиите за хотелот Континентал во Скопје). Што би рекол нашиот народ - добриот глас на далеку се слуша но и лошите вести бргу се шират. Мислиш ли дека македонските фирми и организации се спремни да им дозволат на своите корисници да го споделат мислењето за своето искуство онлајн? Постои ли страв од негативни коментари во Македонија или пак сме доволно самокритични?

Мислам дека фактичката состојба е далеку побитна од проследената информација на интернет и давателите на туристички услуги треба да се фокусираат на самата услуга и потребите на туристите.

А во Македонија наскоро ќе стартува нов проект на Exploring Macedonia, кој ќе направи категоризација на услугите на приватното сместување. Едноставно, странците не знаат каде доаѓаат и што да очекуваат. Бидејќи критериумите ќе бидат однапред дефинирани, се минимизира опасност за хотелиерот од субјективна и непрофесионална  проценка.  Интернетот е најефикасен начин тоа да се проследи до туристите, а Exploring Macedonia за нив е веќе докажан и доверлив извор на информации.

Фејсбук, како најпопуларната социјална мрежа во моментов, е и место каде што многу фирми (дури и во Македонија) почнуваат да се рекламираат преку различни методи (директни банер реклами, отворање на групи, фејсбук профили, апликации, итн итн). Имаш ли некој пример на иновативно користење на Фејсбук за маркетиншки цели (во државава или пошироко)? И еве го поголемото прашање во оваа тема: доволно ли е да се реплицираат методите на успешните фирми во ова поле? Зошто?

Exploring Macedonia има група на Фејсбук, каде редовно ги информираме нашите лојални клиенти за нови понуди и акции. На почеток, кога сè уште имаше мал број членови на Фејсбук од Македонија, забележавме дека целата фама луѓето ја дигаат околу сликите и сите обожаваат да постираат слики. Поради тоа огласивме мал конкурс за сите кои имаа желба да постираат слики каде што се фотографирале во Македонија.  Често кога имаме он-лајн продажба на карти, одржуваме и Фејсбук настани. Исто така во соработка со интернет маркетинг агенцијата HTTPOOL се огласуваме со банери на Фејсбук.  Фејсбук е погоден како и Google Ad Words, затоа што има сегментација на пазарот, може да изберете на која возрасна група ќе се покажува банерот, во која држава, кој пол итн. Не би било доволно само да се реплицираат успешните практики. Претпоставувам треба да се реплицира снаодливоста и да се аплицира на различни случаи. Како и во маркетингот воопшто, така и во Интернет маркетингот, треба само да размислуваме  креативно, зашто во Интернет просторот, можностите се безбројни.

Можеш ли да ни објасниш зашто е толку битно она што се нарекува оптимизација за пребарувачки машини (или Search Engine Optimization - SEO)?

Пребарувачките машини како Google или Yahoo го уживаат сето внимание на Интернет корисниците. Кога на корисниците им треба тура низ Македонија  само впишуваат по 2-3 клучни збора во Google пребарувачот  (Macedonia , tourism) и чекаат Google да им ги најде најрелевантните страни кои што ја содржат таа информација. Најпростиот принцип е секако пребарување по клучни зборови. Токму за тоа станува збор во оптимизацијата за пребарувачки машини: да се направи веб страната да котира високо на резултатите од пребарувачот. Доколку Порталот се наоѓа на последната страна од резултатите на Google, не би можеле да стигнеме до корисниците а понудата на он-лајн услуги ќе биде достапна само за оние кои веќе го знаат нашиот сајт.

Критериумите за рангот на сајтот кај различни пребарувачи е различен. Она што сигурно е релевантно е содржината  на сајтот, клучните зборови со кои е оптимизиран и бројот на сајтови кои реферираат кон него. 

Што би му препорачала на секој млад ентузијаст којшто сака да изгради кариера во полето на интернет маркетингот во Македонија? Некој твој личен совет, некоја техника или карактерна особина што би помогнала? Некое предупредување:)?

Јас почнав да работам пред 2 години и сè уште учам активно на темата Интернет маркетинг. Мислам дека ќе учам барем уште 20 години. Би им препорачала на сите идни е-маркетери да дојдат што побрзо во Интернет индустријата, за да ги размрдаме Македонците и регионот. Желбата за истражување и волјата да се биде во чекор со технологијата ме држат будна. Кога ќе размислите, речиси за секоја индустрија, не само туризмот, за 10тина години ќе постои е-Алтернатива и е-Корисник. Вие само треба да бидете е-Маркетер.

Неодамна прифатив една прекрасна иницијативата на мои драги колеги од е-бизнис департманот на Економскиот факултет во Скопје. Бидејќи бевме почетна генерација, само што завршивме сите се вработивме по различни ИТ фирми во земјата и насобравме интересни искуства за ИТ индустријата, но од другата страна нé дочека и еден заспан е-Пазар во Македонија на кого треба да му се обратиме.  За таа цел моиве колеги направија пионерски подвиг и ја основаа е-Невладина (www.e-nevladina.com)  организација за подигање на Интернет свесноста кај Македонците. Денес, на 28 мај во 18 часот на нивна покана ќе го одржиме првиот Вебинар во Македонија на тема “Е-трговијата пристигна и кај нас” каде ќе споделиме различни искуства и практики од областа е-Бизнисот.

Имаш ли некоја омилена книга или омилен автор во областа на интернет маркетингот?

Да, секојдневно го читам електронскиот весник од eMarketer Daily, така ми започнува денот. Овде имате неодолива база на информации и практики http://www.emarketer.com/. Сеуште сум под импресии на книгата и предавањето Герила Маркетинг од Џеј Конрад Левинсон, бидејќи користи неконвенционални методи во маркетингот. Може лесно да се најде на било кое продажно место на Издавачкиот центар Три. Исто така се надевам во септември ќе ја имам можноста во живо да го слушнам и таткото на маркетингот – Филип Котлер, кој доаѓа во Скопје. 

Елена, благодарам што гостуваше во Маркетинг Муабети!!!

Ти благодарам на поканата Елена и на овој маркетинг муабет.

Bookmark and Share

Title.

 


Comments




Leave a Reply