03. Наталија Трајчевска 05/28/2009
"Јас, како студент, сметав дека интернет маркетингот се состои од банери. Смешно нели? На мојот прв работен ден всушност сфатив што е Adwords, Adsense и прв пат слушнав за Web 2.0. Да не зборувам за SEO и за SEM :). Знаев што се...по дефиниција :)." ![]() Наталија добредојде во Маркетинг Муабети:) Ти си дел од оној релативно млад и амбициозен кадар активен во рамките на Seavus (линк до LinkedIn профилот на Наталија). Веќе на сите читатели им е јасно дека практикувам да поставувам линкови до профилите на моите гости на LinkedIn. Па ајде да прашам...како ти лично ја користиш оваа социјална мрежа? Дали повеќето од твоите активности таму се како дел од маркетинг кадарот на твојата компанија или е тоа повеќе алат за личен напредок? Или па некој микс? Што пропуштаат оние коишто не ја користат оваа мрежа? Дозволи ми прво да ти се заблагодарам за можноста да бидам дел од Маркетинг Муабети, бидејќи ми претставува особено задоволство. Морам да ти кажам дека LinkedIn профил имам уште од моите рани почетоци во Seavus, меѓутоа се до пред 6-7 месеци бев само пасивен набљудувач. Почнав активно да го користам за целите на кампањите кои што се одвиваат во маркетинг одделот на мојата компанија, меѓутоа пред се' за некомерцијални цели. Не знам дали си запознаена со http://pmtips.net, блог за проектен менаџмент и колаборација, којшто е развиен, поддржан и спонзориран од Seavus. Главниот медиум на којшто овој блог се маркетира е LinkedIn и можам да ти кажам дека е главен извор на посетители. Промовирајќи го овој блог, наидувам на многу вредни дискусии од многу значајни луѓе коишто стануваат дел од мојата LinkedIn мрежа и коишто се' почесто ги контактирам за други деловни и приватни цели. Како дел од LinkedIn и сама знаеш колку луѓето овде се расположени за споделување знаења, искуство и едноставно за разговор. PMTips.net стана познат бренд и извор на совети во областа на проектниот менаџмент, благодарејќи на word of mouth главно од луѓето кои што се дел од LinkedIn, а јас се повеќе сум во можност да контактирам со многу познати и значајни луѓе. Запознавајќи ги овие луѓе, всушност сфаќам која е моќта на LinkedIn. Тука исто така ја додавам и можноста за многу лесен и едноставен начин на наоѓање бази од релевантни луѓе на коишто можеш да им го претставиш својот производ и коишто ќе бидат заинтересирани и ќе најдат вредност во него. Додека јас бев студент (нешто што сега ми се чини дека беше многу одамна:)) често наидував на врсници коишто посетуваа студии од областа на маркетингот и дел од нив беа видливо изненадени од што всушност претставува маркетингот. Многумина (пред да започнат со своите студии) имаа визии на гламурозна работа во маркетинг агенции, тотално креативна работа и многу сјајни рекламни материјали. Откога се опоравија од тој шок, и успешно ги завршија своите студии, многумина ги чекаше уште едно изненадување со нивниот влез во вистинските маркетиншки води на корпоративниот свет (во ниеден случај јас лично не се ставам надвор од оваа група). Имаше ли ти некој мит околу полето на маркетингот којшто се урна кога започна со практична работа? Што е тоа што го знаеш сега на оваа тема а посакуваш да го знаеше на првиот твој работен ден? Морам да ти кажам дека јас сум тотално во спротивната група. Додека студирав, воопшто и не размислував на таа тема, а и факултетската програма не нуди некоја гламурозна претстава за маркетингот. Така, без многу очекувања влегов во овие води, што денес го сметам за предност. Од првиот ден работејќи тука учам по нешто ново и најискрено да ти кажам ништо не сум знаела претходно:). Парадоксално е што многу од луѓето во Македонија сеуште мислат дека суштината на маркетингот се билборди и реклами по телевизии. Најискрено, многу често си велам дека ја имам таа среќа да работам во светска компанија и да бидам запознаена со работите што се случуваат во светот. Мислам дека најголемиот дел од македонските фирми се сеуште се многу назад од она што светските компании го прават во полето на маркетингот. Посакувам барем еден мал дел од она што денес го знам да беше вметнат во факултетската програма. Јас, како студент, сметав дека интернет маркетингот се состои од банери. Смешно нели? На мојот прв работен ден всушност сфатив што е Adwords, Adsense и прв пат слушнав за Web 2.0. Да не зборувам за SEO и за SEM :). Знаев што се...по дефиниција :). Она што денес го гледам и ме радува е дека и професорите и студентите се повеќе се трудат да бидат во чекор со светските трендови. Да се надеваме дека ќе се сменат работите. Ајде да зборуваме малку за e-mail маркетингот. Се користи ли овој метод успешно во Македонија? Имаш ли пример на некоја локална или глобална фирма којашто користи e-mail маркетинг со завидни резултати? Од што зависи успехот на една e-mail маркетинг кампања? Најискрено да ти кажам, многу малку знам за пазарот во Македонија. Знам дека неколку од локалните продавници за компјутери, мобилните оператори и Студио Модерна го користат овој начин на маркетинг и мислам дека тоа го прават доста успешно. Од глобалните компании скоро и да нема некоја која што не го користи овој метод. Најмногу ме забавуваат маиловите на Zoho и обожавам да ги читам. Комплетно го имаат имплементирано Web 2.0 моментот, и во дизајнот и во стилот на изразување, како и останатите компании кои што прават web апликации. Сепак, синдромот којшто ги прати луѓето е да кажат што повеќе можат за да си ги претстават своите производи и најчесто e-mail-овите се пренатрупани со текст и ништо не кажуваат. Убавината на овој метод е да кажеш што повеќе можеш со помалку зборови и да успееш да го задржиш вниманите уште во првата реченица. Мое мислење е дека многу голема улога игра и позиционирањето на елементите и соодветниот дизајн, иако ретко кој обрнува внимание на ова. Искрено мислам дека овој метод се' повеќе изумира и се' повеќе фаворизирам персонализирање на маиловите и воопшто комуникацијата. Сепак, сметам дека е моќен и успешен метод. Со бумот наречен социјални медиуми/мрежи, многу од големите светски корпорации полека но сигурно го напуштаат корпоративниот начин на комуникација (масовна комуникација со голем број корисници одеднаш) и се повеќе внимание посветуваат на личната комуникација еден на еден. Корисниците веќе не сакаат да комуницираат со (на пример) Форд како корпоративен ентитет туку со лесно достапните вработени на Форд присутни на низа социјални медиуми. Го земам Форд како пример бидејќи нивниот Social Media фронтмен Scott Monty (еве едно интересно интервју со него тука) успешно стратешки ги менува погледите кон комуникацијата и маркетингот во една голема фирма како Форд. Ако некој го следи Scott на Твитер ќе забележи дека тој, покрај низата крајно лични информации од типот на 'Одам да ги пробам новите Dunkin Donuts крофни со цимет' , споделува и директни Форд промотивни пораки (пр. 'Почнуваме да произведуваме Европски верзии на Форд Фокус'). Очигледно, границите помеѓу интимниот и професионалниот живот на успешни маркетинг личности како Скот се крајно заматени. Е сега, прашањето коишто произлегува од тука е: колку се македонските фирми спремни да го предадат својот онлајн имиџ на индивидуалци/поединци вработени? Конкретно за тебе, колку твојата матична фирма ти дозволува да ги смешаш твоите професионални промотивни пораки со личните информации во твоето присуство на интернет (и ти си на Твитер)? Какво е твоето лично мислење околу оваа тема? И јас сум во истата група :) Ако ги погледнeш моите профили по социјалните мрежи ќе видиш дека нема граница. Дури во последно време се наоѓам заглавена во професионалниот живот и се' помалку пишувам приватни работи, па пријателите ме опоменуваат дека сум досадна :). Сепак, тотално го поддржувам ова. Еве ако го земеш за пример Pete Cashmore, освен најновите дешавки на Mashable, сакам да знам како му поминал денот или дали си купил нови кондури :). Лично сметам дека има повеќе ефект и вредност за промотивните активности доколку им дозволиш на луѓето да ти се приближат и приватно и професионално. Така се сигурни дека позади производот стои реален човек на кого можат да му се обратат и да се потпрат во секое време. Кога зборуваме за Twitter, ќе видите дека нашите производи имаат свои профили (DropMind, ProjectOffice.net, па и PMTips), меѓутоа брендот не е она што ги поврзува луѓето, туку личната информација и меѓусебната доверба. Многу повреден фидбек добивам од луѓето кога ќе им се обратам лично отколку кога ќе им се обратам од DropMind на пример. Мојата компанија го држи истиот став и тотално имаме слобода да се искажеме на било кој начин сакаме, се' додека тоа носи вредност за нашите производи. Многу маркетинг експерти во светот сметаат дека традиционалното рекламирање преку традиционалните медиуми полека но сигурно умира. Се согласуваш ли со ова? Како стојат работите во Македонија по ова прашање? Работејќи го она што го работам - интернет маркетинг специјалист - тотално се согласувам со ова и мислам дека тоа е правата насока кон која маркетингот треба да се развива. Но, работите во Македонија стојат малку поинаку. Секоја чест на исклучоците (во последно време ги има се' повеќе и тоа многу ме радува), мислам дека нашите компании сеуште се чувствуваат удобно со традиционалните методи и не се осудуваат да го превземат ризикот и да бидат во тек со светските трендови. Можеби треба некој повеќе да ги едуцира дека бенефитите се многу повеќе и многу поголеми одколку ризикот. Сакам да се осврнеме малку и на она што се нарекува word of mouth маркетинг. Овој тип на маркетинг од секогаш постоел и (според мене) е едно од најсилните маркетиншки оружја ако правилно се користи. Со појавата на Веб 2.0 технологиите, голем дел од информациите споделени од корисниците на производи/услуги сега го наоѓаат својот дом на интернет. Дали една фирма од типот на Seavus прави мониторинг на ваквите дискусии? Како поточно? Се користат ли тие повратни информации некако? Тотално се согласувам со тебе и дури јас мислам дека е најмоќен метод, а не еден од најмоќните. Ние во Seavus посветуваме многу големо внимание на овие дискусии и Voice of the Customer всушност ни претставува движечка сила. Можам да ти кажам дека сите дискусии поврзани со нашите производи се следат, дали тоа биле на блогови, форуми или преку мејлови. Се користат познатите алатки за аналитика Google Analytics, StatCounter, WebMasterTools и секако имаме развиено интерни методи на следење на ваквите активности. Барањата од нашите корисници секогаш се приоритет и производите се развиваат во насока да ги задоволат нивните барања. За крај - кој е твој омилен корпоративен блог на глобална компанија? Зошто? Зависи од приоритетите на денот, и од тоа што ме интересира во даден момент, ми се менува и омилениот блог. Во моментов редовно ги читам HubSpot, Lifehacker, MarketingProfs, Econsultancy, O’Reilly и Smashing Magazine. Неизоставни се Mashable, ZDnet и BNet. How to Change the World и Guy Kawasaki ми е прв на топ листата и го обожавам. Има толку реален осврт на сите аспекти што ги обработува и уживам да го читам во секое време. Наталија, ми беше задоволство што те имав како гостинка во Маркетинг Муабети! И мене ми беше драго и благодарам за поканата. Коментарите (како и секогаш) се отворени. CommentsLeave a Reply |








