02. Марија Арменски 05/14/2009
"...во Македонија најголемата заблуда е што маркетингот се поистоветува со промоцијата односно advertising-от. Некако тешко луѓето сфаќаат дека промоцијата е само еден дел од маркетингот ..." ![]() Марија, добредојде во Маркетинг Муабети. Сакам да го почнам овој муабет со едно прашање што (ќе) им го поставувам на многу луѓе во рамките на овој блог: која е според тебе најголемата заблуда што луѓето ја имаат во врска со тоа што е (и што не е) маркетингот? Здраво Елена, најпрвин благодарност за поканата за ова интервју и да те пофалам бидејќи си една од ретките што прави нешто во областа на маркетингот во Македонија. Според мене во Македонија најголемата заблуда е што маркетингот се поистоветува со промоцијата односно advertising-от. Некако тешко луѓето сфаќаат дека промоцијата е само еден дел од маркетингот и дека постојат и други елементи од областа на маркетинг кои треба да ги користи една организација за да има една успешна маркетинг кампања. Организациите најчесто формираат маркетинг сектор кој не работи ништо друго освен класична продажба и некаква промоција, при тоа заборавајќи ги или не знаејќи за истражувањето на пазар, директната продажба, можностите за интернет маркетинг и многу други елементи кои може да придонесат за развој на бизнисот. Друга заблуда е што во многу организации местото на маркетингот и неговата улога не се зема многу сериозно во генерирањето приход за организацијата, како и несоодветната комуникација и координираност помеѓу секторот за продажба и секторот за маркетинг. Ова се само неколку од многуте заблуди кои постојат кај нас меѓутоа сметам и во регионот за оваа релативно нова дисциплина кај нас. Имаш работено за низа организации/компании во Македонија (целосниот професионален профил на Марија е тука). Последниве 2 години си Маркетинг Менаџер на ПСМ Фондацијата. Има ли според тебе разлика во пристапот кон рекламирање/промоција/комуникација на една непрофитна организација како ПСМ Фондацијата во споредба со пристапот користен во корпоративни средини водени од крајната линија - профитот? Искрено, бидејќи станува збор за непрофитен сектор нормално е буџетите да бидат многу лимитирани и да не се става многу акцент на овие активности. Јас доаѓам од бизнис сектор каде што навистина средствата наменети за маркетинг беа многу поголеми отколку во организацијата во која сум денес. Меѓутоа пак, лимитираниот буџет е поголем предизвик со помалку средства да ги оствариш посакуваните резултати. Пристапот е герила маркетинг што мислам дека реално за Македонија не е ништо ново туку тоа е пристапот на многу мали и средни претпријатија кои кубурат со средства и герила маркетингот им е единствената солуција за да остварат некакви резултати. Така да и непрофитниот сектор e во слична ситуација и повеќе се потпира на герила маркетинг и ПР како маркетинг алатки. Веќе извесно време (барем во поразвиените држави) непрофитните организации (најчесто поради релативно рестриктивните маркетинг буџети) го менуваат својот медиумски микс, и се повеќе се вртат кон интернетот, интерактивниот маркетинг и социјалните мрежи (Beth's Blog е еден интересен блог којшто се занимава баш со оваа тема). Има ли знаци на вакви трендови и во Македонија? Се користат ли овие алатки доволно? Искрeнo Елена, бидејќи нашиот фокус и целна група се млади луѓе од економски и факултетите за компјутерски науки кои по дефиниција би требало да бидат Интернет “зависници”, сметавме дека интернет маркетингот ќе ни овозможи подобар пристап до нив. Меѓутоа, таа алатка се покажа како неефикасна и воопшто не донесе некакви реални резултати за зголемен интерес за нас како Фондација. Се обидовме и преку некои social networks како LinkedIn и Facebook и сепак извесни резултати постигнавме со Facebook но не на посакуваното и очекуваното ниво. Искрено, од сите можни алатки што ги искористивме, сфативме дека во Македонија, барем целната група која нас не' интересира, сеуште може најлесно да се анимира преку традиционалните начини на рекламирање. Тоа значи најдобри резултати имавме од рекламите на радио, Антена 5 и Сити радио. Тоа не значи дека ќе се откажеме од овие нови, тренди и поевтини начини на промоција преку Интернет, но сепак сфативме дека за тоа треба да помине извесен период и малце повеќе време да созрее свеста на младите за новите начини на промоција. Тоа е нашата реалност. Претпоставувам дека како дел од твојата работа си во постојан контакт со млади луѓе кои сега започнуваат со развивање на своите самостојни бизниси. Како овие идни лидери го разбираат маркетингот? Кој е твој совет (теоретски или практичен) којшто може да се примени кај секое новоформирано мало претпријатие со цел да се промовира подобро? Со оглед на фактот што наша целна група се младите ИКТ кадри, едни од главните проблеми што ги имаат во нивните развојни бизнис планови, меѓутоа и во реалната имплементација на бизнис идеите, е всушност маркетингот, продажбата, формирање на цени, преговарање и се' останато што се повеќе бизнис знаења и вештини. Оваа група на млади луѓе поради образовните програми што ги имаат на нашите факултети поседуваат многу малку или реално воопшто не поседуваат такви познавања и вештини. Тие имаат бизнис идеа и сакаат да прават фирма без воопшто да знаат кој им е конкуренција, зошто клиентот да купи од нив а не од некоја друга фирма, што значи компетитивна предност, како да продаваат, како да се промовираат. Тоа се многу битни работи кои уште на почеток кога ќе почнат да ги користат нашите услуги почнуваат да ги учат бидејќи во спротивно нивните бизниси се осудени на пропаст. Нашите совети до нив се дека мора да сфатат дека техничките вештини кои ги поседуваат не се основен предуслов за успех. Мора да размислуваат бизнис и мора да имаат основна бизнис логика и претприемничко размислување за да успеат, односно да сакаат на учат и да се надградуваат за да успеат. Кај нас е многу полесно да го остварат тоа бидејќи многу често, 2-3 пати месечно, им организираме обуки на тие теми што им помага во полесно совладување на овие знаења и нивна имплементација во нивните бизниси. Кои мислиш дека се најважните карактерни особини што треба да ги развива секој човек кој е директно вклучен во полето на маркетингот? Желбата за континуирано учење и надградување се пресудни за секоја професија вклучувајќи ги и маркетинг професиите. Треба да сфатиме дека традиционалниот маркетинг не е единственото нешто и дека со новите технологии маркетингот добива нови димензии и нови алатки кои се иднината и кои мора да се имплементираат за успешна маркетинг стратегија на една компанија. Треба постојано да се има слух за пораките кои доаѓаат од пазарот, од продавачите, и да ги антиципираме новите трендови за да бидеме спремни за новите предизвици. Треба да знаеме правилно да ги употребиме информациите за да можеме да бидеме чекор напред во однос на конкуренцијата. Марија, ти благодарам што беше гостинка во Маркетинг Муабети! CommentsLeave a Reply |








