"Традиционалниот начин на маркетинг е завршена приказна, интерактивниот маркетинг е она што навистина ќе ги поврзе компаниите и потрошувачите и ќе создава успешни бизнис приказни."

Здраво Дамјан и добредојде во Маркетинг Муабети! Ти си прв, па се надевам ќе имаш лесна нога.
Разгледувајќи го твојот профил на LinkedIn, може да се забележи дека покрај солидно образование (University of New Mexico и Manhattanville College) во полето на ИКТ, Менаџмент и Маркетинг, твојата едукација вклучува и конкретен фокус кон Психологијата. Дали е тоа некој долгорочен план којшто го имаше уште во почетокот на твоите студии или едноставна коинциденција? Кои се предностите на некој што добро ја разбира психологијата на човековиот ум во контекст на корпоративното работење и конкретно во маркетингот?
Здраво Елена, огромна чест ми е да бидам првиот гостин во Маркетинг Муабети.
Околу мојата едукација... планот да студирам бизнис менаџмент и психологија дојде некако отпосле. Првин планирав и почнав да студирам информатика, т.е. менаџмент на ИТ системи, но подоцна сфатив дека повеќе ми причинуваат задоволство бизнис менаџментот и интернет маркетингот, па некако најдов начин да ги искомбинирам со психологијата која одсекогаш ме привлекувала.
Според мене психологијата е доста важна за многу аспекти на бизнисот... доброто познавање на човечкото однесување и начини на размислување, како и психолошко анализирање на информациите кои ги добиваме дефинитивно го олеснуваат работењето и помагаат во организација, тренирање и менаџирање на тимови, донесување на важни одлуки, развој на компанијата и сл.
Конкретно во маркетингот, едни од поважните предности кои оваа наука може да ги донесе е покритично размислување и подобро разбирање на потрошувачите и нивното однесување. Со помош на психологијата, сите оние кои работат во маркетинг индустријата ќе можат подобро да разберат како да ги задоволат барањата и потребите на своите клиенти, да воспостават подобра комуникација и доверба.
Ако некој ги следи твоите активности на социјалните мрежи (претежно Twitter) ќе добие претстава дека редовно се движиш на релација Македонија-Америка и дека си моментално активен во три различни фирми/проекти. Како наоѓаш време за лична надоградба и постојано учење?
Навистина имам огромен број на обврски, но сепак уживам во тоа што го работам и покрај многуте непреспиени ноќи и стресни ситуации со кои се соочувам. (yep, workaholic!)
Лична надоградба и постојано учење се нешто за кое морам да најдам време во оваа индустрија, бидејќи стандардите и трендовите се менуваат скоро секој ден.
Голем дел од моето знаење го стекнувам преку работење на разни проекти и комуникација со колегите и пријателите. Активно следам и присуствувам на разни конференции, семинари и работилници од кои може многу да се научи. Учам и преку моите патувања (скоро секои 3-4 месеци менував контитент во последниве 5 години) каде што имам можност да запознам луѓе од различни култури кои имаат различни пристапи кон бизнисот и маркетингот.
На професионален план, ко-основач сум и работам како проект менаџер во IWM Network, компанија која е комбинација помеѓу интерактивна маркетинг агенција и консалтинг компанија. Првиот проект на IWM Network е порталот за информатичка технологија IT.com.mk. Тоа што работам како главен уредник на IT.com.mk дополнително ми овозможува да сум во тек со случувањата.
Освен ова, работам и како надворешен интернет консултант за компанијата Blueliner која има претставништва во Њујорк, Индија и Бангладеш. Моите обврски тука се пронаоѓање на интерактивни маркетинг решенија за клиентите и менаџирање на неколку онлајн проекти.
Според тебе, како феноменот наречен социјални медиуми/мрежи ги менува правилата на игра на Маркетинг теренот? Дали е тоа револуција, едноставна еволуција или само различен начин на гледање на односите помеѓу корпоративниот свет и крајните потрошувачи?
Имав можност да работам на голем број проекти кои се концентрираа на друштвените медиуми и според она што го видов досега, овој начин на комуникација дефинитивно ги менува правилата на игра, не само во маркетингот, туку и општо во бизнисот, интеракцијата меѓу луѓето, политиката и другите области од секојдневниот живот.
Денешниве друштвени алатки им дадоа глас на корисниците и ја префрлија моќта во нивни раце. Сега тие можат на најразлични начини да го споделат своето искуство на глобално ниво и да ја дознаат вистината со само неколку кликови. Соочувајќи се со предизвикот наречен друштвени медиуми и глобална конкуренција, денеска една успешна маркетинг кампања мора да има искрен и транспарентен пристап...
Револуција или еволуција? Хм... може р/еволуција? :)
Како се снаоѓа Македонија во овие води? Назад ли сме? И ако сме, зашто мислиш дека е тоа така? Дали е проблемот во бавното прифаќање на нови технологии или нешто друго?
Друштвените медиуми во Македонија во последниве година-две доживуваат експанзија... по MySpace, Hi5, Prijateli, најновиот хит очекувано е Facebook. Внимателно го следам развојот на оваа друштвена мрежа која сега е најмасовна во нашата земја и според последните бројки до кои можев да дојдам 7% од населението, односно околу 150.000 луѓе, веќе имаат свој Facebook профил. (повеќе тука)
Споредено со земјите во регионот, оваа бројка е солидна а уште поинтересен е трендот на пораст, кој досега на секои три месеци се зголемуваше скоро дупло.
Информатичкото општество во Македонија сеуште е во почетна фаза на развој. Причините за побавното прифаќање на новите технологии според мене се должи на слабата интернет пенетрација, несериозноста кон создавање на ИТ проекти како и пречките (читај: законски регулативи и банки) за развивање на е-бизнисот во земјата.
Кои се (според тебе) технологиите коишто го менуваат/ќе го изменат начинот на којшто компаниите ги 'маркетираат' своите производи?
Компаниите се таму каде што се и луѓето... Така да, секој сајт или нова технологија, особено нов начин за комуникација, кој ќе успее да го привлече вниманието на корисниците ќе го добие и вниманието на компаниите и маркетинг агенциите.
Одличен пример за тоа е Twitter, проект кој во своите почетоци не беше сфатен сериозно од никого... но еве, денеска е вистински хит. Овој сервис за микро-блогирање не само што им овозможи на луѓето да комуницираат на доста интересен и интерактивен начин, туку тоа го направи и за компаниите.
Еве една интересна листа на брендови кои се покажаа успешни во пронаоѓањето на иновативни начини преку Twitter за комуникација со своите потрошувачи.
Кој е твојот личен совет до секој маркетинг ентузијаст во Македонија? Што е тоа што го знаеш сега што посакуваш да го знаеше кога ја започнуваше својота кариера во глобалниот корпоративен свет и конкретно во полето на Маркетингот?
Тоа што јас го научив на потешкиот начин е дека промените во виртуелниот свет се случуваат брзо и неочекувано, па така треба да бидеме секогаш подготвени да се соочиме со нови предизвици и нови начини на работа. Од голема важност е да се навикнеме на промени, да ги следиме последните трендови и на корисниците секогаш да им понудиме нешто ново, интерактивно и доста креативно.
Треба да се биде и трпелив и едноставно да знаеме што е тоа што сакаме да го постигнеме, уште на почеток да постои цел по која ќе се придржуваме.
Традиционалниот начин на маркетинг е завршена приказна, интерактивниот маркетинг е она што навистина ќе ги поврзе компаниите и потрошувачите и ќе создава успешни бизнис приказни.
Има ли некоја компанија (локално или глобално) од чии методи учиш и којашто според тебе има добар пристап кон Маркетингот во денешно време?
Постојат повеќе компании чиј пристап во веб 2.0 светот активно го следам... Една од нив која вреди да се спомене е Skittles, кои пред некој месец целосно го предадоа својот вебсајт на друштвените сајтови YouTube, Flickr, Twitter, Facebook и др. Кога го видов начинот на кој ова е изведено, навистина се воодушевив.
Друг пример од кој може многу да се научи е кампањата Whooper Sacrifice на Burger King, каде што Facebook корисниците бришеа пријатели во замена за хамбургер. Откако над 200.000 пријатели беа избришани, Facebook мораше да реагира.
Фантастични и крајно иновативни идеи како овие секогаш претставуваат инспирација за мене...