04. Радмила Живановиќ 05/31/2009
"...досега се спроведени мноштво на проекти и програми, како владини така и невладини, за имплементирање на ИКТ во образование, меѓутоа тие програми се изолирани островца, кои се глуви за меѓусебните постигнувањa..." ![]() Радмила, здраво и добредојде во ЕдуМуабети! На некој начин, тука те донесе твојот гостински блог пост на komunikacii.net и New Tools, New Schools презентацијата. Истотака, ме заинтересира и твојата минатогодишна презентација на Glocal на тема Блогови во Образованието. Може ли да почнеме со кратко објаснување околу тоа која е твојата врска со образованието? Од каде инспирацијата за овој конкретен фокус кон користењето на новите технологии во училниците? За какви технологии станува збор? Благодарам што ме покани во ЕдуМуабети, бидејќи навистина сметам дека се потребни повеќе вакви иницијативи со цел да се адресираат одредени реални и конкретни прашања на ефикасна употреба на новите медиуми во различни општествени области, посебно образованието. Мојата врска со образованието започна доста наивно, бев тогаш на моите постдипломски, само што ги започнував и имав поинаква замисла за тоа како би се развивала мојата академска кариера. Новите технологии во тој момент сеуште ги опипував, но ме заинтересира фактот на нивната голема можност да ги поврзат луѓето, како и просторот што го овозможуваат за учениците да ги разменат своите замисли. Така и јас се гледав себе си студирајќи, и секогаш го трпев недостатокот на флексибилна и практична образовна структура која некако насетував дека може да се промени преку ефективна употреба на новите технологии. Така и започнав да истражувам на кој сè начин учењето како и автентичноста на процесот на учење може да се промени и зајакне, да се измени и фати еден поинаков дискурс. Некако секогаш во текот на моето образованието партиципативноста и интерактивноста беа оние аспекти кои ми недостасуваа, и некако тој недостаток го поврзав со можностите кои ги пружат новите технологии, посебно новиот Веб 2.0. Така станав љубопитна за апликативноста на овие нови алатки со цел учењето да претставува задоволство а не обврска и мачење. Во меѓувреме, по една друга линија доста соработував со млади луѓе и патем го испитував начинот на кои тие му пристапуваат на учењето и како ги користат новите технологии. Сето тоа ми даде доволен инпут да започнам позаинтересирано да се вклучам во овие општествени расправи, кое во моментот се поткрепени со сите оние образовни реформи кои на голема врата го внесуваат користењето на новите технологии во образованието. Станав доста будна и критична кон она што подразбира ефективна употреба на ИКТ во образование, и се надевам дека моето согледување ќе успеам да ви го презентирам во ЕдуМуабети. Во твојата презентација особено внимание се посветува на потребата да се знае КАКО денешните ученици учат. И сега некој може да го постави следново прашање: зошто е ова толку важно? Зарем се менува начинот на којшто учениците учат? И каква врска има ова со технологијата? Новите технологии го поврзуваат знаењето и искуствата притоа овозможувајќи појава на ново знаење кое не е втемелено на апсолутна вистина туку на човечка вистина. Денешното учење кои ги вклучува новите технологии подразбира партиципативност, достапност до информациите, можност за избор како и можност да се конструира знаењето според сопствени преференци и сопствен избор. Во исто време тоа знаење е дискутабилно, разменливо, партиципативно. Учењето повеќе не преставува поседување на одредени информации и нивна повторливост туку преставува процес на вклучување на тие информации во ситуација која е реална, со вештини и знаења кои ни се на располагање нам инидивидуално и на групата во која работиме т.е учиме. Според тоа, учењето денес повеќе од било кога е комуникациски процес, а новите технологии се медиумот преку кој се конструира знаењето. Може да се каже дека новите технологии самите стануваат медиумот врз кои се конструира знаење а не само алатка со која се учи. Со новите технологии ученикот се поставува во една далеку пофлексибилна позиција, во позиција на целоживотен ученик, но и ментор, појаснувач, спремен за дискусија, влијателен актер во конструкција на знаењето. Значи од еден до сега многу познат процес на еднонасочно емитување на информацијата и знаењето се преминува во еден партиципативен, мрежен начин на учење, каде сите агенти вклучени во процесот на учење допринесуваат во конструкција на искуството и знаењето. Со новите технологии улогата на ученикот итекако е еманципирачка, посвесна и поодговорна. Фокусот на твојот магистерски труд е користењето на ИКТ во средните училишта. Зошто токму средното образование? Сметаш ли дека ова е најсоодветната возраст за интеграција на нови технологии во формалното образование? Средното образование го избрав затоа што некако „патот ме навеа на таа страна“ и како што претходно истакнав, доста долго време професионално и како психолог работам со таа возраст. Според тоа, средното образование ми е најпознато и тука го насочив моето истражување. Лично сметам дека средното образование не е најсоодветната возраст за интеграција на новите технологии во формалното образование. Би рекла дека оваа возраст е круцијална, но не кога станува збор за образовниот процес. Денешните генерации се раѓаат во едно поинакво технолошко опкружување кое влијае врз нивните образовни потреби, според тоа, интеграцијата на новите технологии треба да постои уште во најниското образовно ниво. Искрено, новите технологии денес го преиспитуваат постоењето на училиштето и образовниот систем, иако сметам дека училиштата уште долго ќе постојат, но ќе мора соодветно да се трансформираат и да се приклонат кон новите образовни потреби. Кај нас, денес е актуелна реформата на интеграција на новите технологии во училиштата сепак, имам чувство а и фидбек од директните имплементатори на реформите како што се наставниците и учениците дека процесот на интеграција на новите технологии во образовниот процес се спроведува неорганизирано, на неиспитан терен и непроверени потреби и вештини. Мојата магистерска тема ќе се обиде да одговори токму на прашањето што е досега направено на полето на ваквите образовни реформи, како се спроведувал процесот на реформирање во образованието, кои се ефектите и како истиот е примен од страна на наставниците и учениците. Едно е сигурно, сè додека одредена образовна структура не се чувствува комотно и сигурно во користење на новите технологии во образованието, сè дотогаш ќе постои отпор и ќе се јавува привид на спроведена реформа. Воедно, досега се спроведени мноштво на проекти и програми, како владини така и невладини, за имплементирање на ИКТ во образование, меѓутоа тие програми се изолирани островца, кои се глуви за меѓусебните постигнувањa и кои досега не ги искористиле промените и постигнувањата на претходниците. Поради тоа, постојано се има чувство дека сè почнува од почеток и дека прогресот е бавен. Дарко Булдиоски ни обрна внимание на работата на Аница Петковска (иден гостин во ЕдуМуабети) во поглед на нејзиниот фокус на интеграција на нови технологии и нови медиуми во наставната работа. Сигурна сум дека има и други вакви свежи пристапи на поединци едукатори низ Македонија. Имаш ли ти некој добар пример на иновативна интеграција во ова поле? Од друга страна, ова се претежно иницијативи на микро ниво (работа на еден професор во рамките на еден наставен предмет). Ќе успеат ли вакви изолирани напори и нивната афирмација да ги променат генералните мислења и тенденции или се потребни иницијативи на повисоко/пошироко ниво? Ти благодарам што го потегна ова прашање. Дел одговорив во претходното, но еве би се навратила повторно. Моите информации укажуваат дека сеуште успешната имплементација на ИКТ во образование е лична иницијатива на професорот и учениците. Значи како и ти, и јас знам и следам неколку успешни примери на наставници како што се Мите Ристов (http://www.geografija-bt.tk/) и Даниела Ристова (http://www.geo-sugarev.tk/) од Битола кои работат со своите ученици на еден поинаков и доста интерактивен начин со цел пореално да им ги доближат предметите кои ги предаваат, географијата во овој случај. Прашањето ми е мене поинаку, како овие наставници се вреднуваат, како тие прераснуваат во позитивни модели и промотори на успешна интеграција на ИКТ во наставен процес? Сè додека државата, или министерството за образование, не најде начин да ги промовира како позитивни модели, сè дотогаш дискутабилно е и колку ќе трае нивниот ентузијазам. Новите технологии искористени во склоп на наставата бараат уште поголема свесност, осетливост, пристап и методологија на работа. Нивната имплементација на ова рано ниво на постоење во Македонија бара голем ангажман, желба и посветеност. Новите технологии го претвараат училиштето од училиште од 6 часа во 24часовно училиште, училиште вон зидовите на училишната зграда. Тоа се однесува и на оние кои го водат целиот процес, а тоа се наставниците, кои не само што треба да знаат да манипулираат со овие нови технологии туку потребно е да го сменат начинот т.е. методологијата на работа, која лежи во основата на било која успешна имплементација, како и да се сигурни и да ја познаваат апликативноста на новите алатки. Јас искрено се надевам, дека кога ќе завршат обуките во училиштата за Едубунту, кој според мене е само еден аспект од успешно користење на новите технологии во наставен процес, дека наставниците ќе се чувствуваат поспремни да комуницираат меѓусебно и да делуваат во согласност со тоа. Најтажно според мене е тоа дека во склоп на училиштата постои обучен наставен кадар, но дека повторно сите се ставаат во ист ќош и поминуваат низ истите обуки. Со ова мислам дека најчеста е ситуацијата кога обучениот кадар не се користи како ресурс во однос на трансфер на знаењата и методологијата на работа со новите технологии за оној наставен кадар кој помалку е запознат со новите технологии. За успешна реализација на интеграцијата во образовниот систем потребно е чувство на комотност и сигурност кај наставниците за користење на новите технологии, достапност на ресурси и можност за размена на искуствата и нивен развој. Воведувањето на било каков новитет во образованието е долг и прилично макотрпен процес. Имаш ли сознанија/мислења околу тоа каде навистина лежат препреките на патот кон целосна интеграција на новите технологии во македонските средношколски училници? Подготвени ли се македонските средношколци за вакви промени во образованието? А родителите? Наставниците? Училишните администратори? Надлежните владини институции? Зошто се оди толку споро? Толку добро се поставени прашањата што се надополнуваат едно со друго. Значи околу дел од препреките во директната имплементација јас кажав во претходното прашање и не би сакала да се навраќам. Училишната администрација како и наставниците нема визија што со новите технологии во наставниот процес, не наоѓа за потребно да се организира училишната средина во однос на достапност на овие технологии, и многу малку е вклучена на ниво на микроменаџмент. Значи училишната администрација не ја превзима одговорноста за успешна имплементација на овие образовни реформи во училиштето, бидејќи не се ставени во позиција сами да го менаџираат процесот, мотивираат вработените и стратешки пристапат кон оваа проблематика. Со програмата „Компјутер за секое дете“ вие ретко ќе се сретнете со техничка служба во училиштето кое се грижи пред сè за таа скапа и огромна инфраструктура, (иако многу истражувања покажале дека постоењето на доволно компјутери за настава не е предуслов за ефективна настава). За надлежните владини институции би рекла дека не направиле никаков need assessment, или пак нема никаков транспарентен приказ од кој тргнале во реформирањето, од кој ќе започнат со имплементација на оваа стратегија. Чекорите на имплементација на оваа програма конкретно според мене се погрешно поставени, и не нудат никаков увид во досега стореното од страна на многу локални и интернационални програми што значи и дека не ги користат веќе изградените човечки ресурси и ресурсите на досега спроведени практики на терен. За родителите ќе кажам дека сеуште нивниот пристап кон формалното образование на нивните деца е многу ограничен. Сеуште не се развиени соодветно интеракативните училишни портали кои ќе бидат отворени и за родителите и кои ќе можат на тој начин да имаат увид во прогресот на учениците. Неретко родителите се игнорантни за компјутерската и дигиталната писменост на своите деца, сеуште се далеку поназад со применливоста на новите технологии. Но иако ова е неминовен ефект т.е. очекуван генерациски јаз, од друга страна сеуште во Македонија поради неповолната економска ситуација голем број на ученици немаат можност да ги користат новите технологии дома, што директно се одразува и на нивното восприемање и учење во склоп на наставата, сè додека самата настава не го заменува овој недостаток и е до толку организирана да им дозволи на ваквите ученици потполн развој на компјутерската писменост и вештини. Во мојот друг блог (Elena's Red Marker) често издвојувам нови (и комплетно бесплатни) технологии погодни за користење во образованието. Посебно ме интересираат мислењата на едукатори ширум светот коишто активно ги користат овие алатки (пример Edmodo и Animoto). Други едукатори од различни географски локации исто се обидуваат да ги запознаваат своите читатели со низа интересни апликации коишто можат да се користат во училниците (на пример Recess Duty блогот и FreeTech4Teachers). Од каде ти добиваш информации за новите технологии коишто постојано стануваат достапни за заинтересираните едукатори? Најмногу од Интернет, се разбира. Најинтересно е дека додека нашите наставници се учат како да раководат со одреден оперативен систем или технологија, таму надвор, не мислам само на надвор од границите на Македонија, туку и таму надвор во сајбер просторот, наставниците и учениците се здружуваат во однос на развој на соодветни курикулуми за настава. Постојат многу такви сајтови, алатки кои можат многу едноставно да се искористат. Овие апликации барат време и посветеност, самата дискусија во овие онлајн простори, форуми, блогови, бара постојана свесност, алертност, желба за запознавање со новитетот. Апликативноста доаѓа после тоа. Интернетот денес изобилува со различни можности за интеграција на новите технологии во настава. Но работата е како да се излезе од структурата и таа да се трансформира, бидејќи самите нови технологии носат голем трансформативен ефект од секој аспект. Како тоа да се изведе е многу комплексно прашање, но и прашање кое треба да тргне од оние кои директно ги користат овие нови алатки, учениците и наставниците. Што би му препорачала на секој средношколски наставник кој сака да интегрира нови Веб 2.0 алатки во својата наставна програма? Од каде да почне и како да постапи? Секоја веб 2.0 алатка има своја специфика и намена. Наставниците во склоп на наставното градиво кое го пренесуваат во текот на наставата треба да детектираат за кои прашања може да се искористат Веб 2.0 алатките и да бидат спремни да го променат фокусот на одговорност кон учениците но притоа и да ги мотивираат на учество. Видете, ваквиот начин на работа со Веб 2.0 е поинаков начин на размислување и активност, и не можеме да очекуваме учениците веднаш и сите да го присвојат. Нуди голема отвореност и креативност и критичност, но не е само алатката предуслов да се изрази и сподели мислењето, треба да постои цел систем на поддршка кој систематски и континуирано работи во однос на промоција и употреба на овие алатки. Учениците во Македонија не се ниту формално ниту неформално обврзани да користат веб 2.0 алатки затоа што таа активност не е вреднувана, не е дел од наставата и се смета дека не го поддржува знаењето, т.е тоа знаење развиено преку веб 2.0 алатките не се валоризира. И овде како и кај наставниците сè е оставено на лична иницијатива. Јас не сум сигурна дали воопшто во новите образовни реформи е предвидена и употребата на веб 2.0 алатките, но како и да е, неминовно е нивното постоење како и потребата за што поголема инклузија во образовниот систем. Посебно затоа што образовниот систем веќе има одредени основи за употреба на овие алатки, како што се проектните активности и воннаставните активности. Радмила, благодарам што ме дружеше во ЕдуМуабети! Ти благодарам и тебе на поканата. Се гледаме со поавтентичен update на ситуацијата:) CommentsLeave a Reply |








