"Денешните ученици и студенти се спремаат за работни места кои воопшто не постојат, а она што го учат во почетокот на своето образование застарува дури и пред да дипломираат/матурираат."

Здраво Игор и добредојде во ЕдуМуабети. За тие што не те познаваат, твојот професионален профил е достапен на LinkedIn. Меѓу другото, имаш импресивно искуство во низа не-профитни организации во Македонија. Во последната година, како партнер во Решенија и управител на Нова Солутионс, твојата работа има и допирни точки со образованието (конкретно е-учење). Ајде да зборуваме малку баш на оваа тема - учењето на далечина или е-учењето во Македонија. Постои ли конкретна потреба за вакви методи на учење во релативно мала држава како нашата?
Здраво Елена и благодарам на топлото добредојде, убаво се чувствувам во рамките на твојот нов блог :). Голем дел од моето искуство е поврзано со разни обуки, тренинзи и работилници од неформалното образование, а како дел од Нова Солутионс навлегувам во сферата на е-учењето.
Живееме во бурни и брзи времиња. Денешните ученици и студенти се спремаат за работни места кои воопшто не постојат (кога студирав јас е-учење и е-бизнис не постоеше во оваа форма како денеска), а она што го учат во почетокот на своето образование застарува дури и пред да дипломираат/матурираат.
Она што јас лично го чувствувам од аспект на образованието е дека класичниот пристап на едукација МОРА да биде надминат. Класичното предавање треба да биде заменето со обука на младите луѓе како да решаваат проблеми и како да учат. Се' останато од аспект на користење на учебници и прирачници треба да биде заменето со користење на интернет ресурси и е-учење.
Заврши периодот на скрипти и купување на книги од универзитетските професори, бидејќи денеска многу млади професори своите предавања ги имаат на веб страната на нивниот предмет. Оттука и ја гледам потребата за е-учење во најразлична форма кај нас, но и секаде во светот.
Кои се, според тебе, препреките коишто треба да се урнат пред една образовна институција да биде спремна за имплементација на е-учење проект? Има ли некој вид на отпор кон овие релативно нови методи на едукација? Зошто?
Ако направиме паралела помеѓу сите факултети (државни и приватни) ќе видиме дека секојa институција којa во својот состав има факултет за информатика или електротехника поседува свој систем за е-учење од кои најголем дел сите базирани на Moodle. Овие технички факултети интензивно ги користат придобивките на е-учење, додека останатите факултети ги користат овие системи единствено за објавување на одредени соопштенија.
Средните училишта имаат поинаков концепт, но со воведувањето на компјутеризацијата и Edubuntu како оперативен систем се јавува потреба од воспоставување на системи за е-учење, но имајќи го во предвид менталитетот на професорите (посебно постарите), убеден сум дека сме далеку од тоа.
Образовните институции пред воведување на напредни технологии секогаш имаат проблем сами со себе. Значи се' на се' промените тешко се прифаќаат, и нив мора да ги донесат новите генерации. Така да мислам дека времето ќе си донесе се', и мислам дека најдобрите времиња за е-учењето во Македонија допрва доаѓаат.
Facebook, LinkedIn, Twitter (ти си mishevski на Twitter). Блогови, микроблогови, социјални мрежи. Имаат ли овие технологии свое место во образованието? Зошто?
Одговорот е секако ДА. Социјалните мрежи, блоговите и микроблоговите општо ја поместија границата на приватноста, бидејќи сега преку нив дознаваме многу работи за нашите колеги и пријатели, кои можеби никогаш не би ги дознале, а ги споделуваме со нив. А секако преку овие алатки се раѓаат и нови пријателства :).
Образованието треба да е отворен процес, да се споделуваат знаењата, информациите. Јас лично преку twitter учам 50% од она што ми е потребно да го знам во мојот бизнис, што тековно се случува. Во некои од Европските земји (пр. Велика Британија) во образованието е дозволено користење на twitter за пуштање на белешки во текот на наставата.
Исто така мислам дека овие алатки се потребни во образованието за отворање на знаењата, но лично сум скептик поради тековните движења кон догматизација на образованието.
Постојат ли други технологии коишто го менуваат образованието?
YouTube денеска е технологија која нашироко се користи за Упатства или таканаречените “How to” кои денеска преставуваат многу битен аспект на образованието (посебно на неформалното) кои и јас ги користам.
Видеоконференцијата е уште една технологија која може да ги помести границите на она што ние го познаваме под зборот образование. Лично не сум голем фан на класичното образование, така да сите технологии најпрвин би се примениле во некоја друга сфера, пред да добие вистинско значење во образованието во Македонија.
Се случуваат низа промени на глобално ниво, диктирани од развојот на технологијата, коишто резултираат со ослободен пристап до информации од секаков карактер. Факт е дека многу образовни институции во поразвиените држави почнуваат слободно да ги споделуваат наставните материјали со секој којшто е заинтересиран да учи. Ќе го споменам тука Stanford University со својот iTunes канал (http://itunes.stanford.edu/) или релативно поновиот феномен наречен YouTubeEdu (http://www.youtube.com/edu) кадешто се достапни комплетни видео предавања од најелитните образовни институции ширум светот. Мислиш ли дека се видливи слични тенденции и во Македонија? Спремни ли се (стратешки и технички) македонските образовни институции за ослободување на пристапот кон академските материјали?
Слободата на знаењето и информациите е во експоненцијален раст. Општо со интернетот слободата на делење добива на значење, слободата на информации станува неприкосновена. Во најголем дел слободата на знаење (иако не подразбира) значи и бесплатно знаење и поради тоа лесно достапно до секој поединец.
И јас користам еден портал AcademicEarth кој за само 3 месеци направи еден милион посети, и многу сум задоволен.
Македонија во овој контекст е многу далеку, бидејќи денеска речиси секој професор своето знаење (препишано или сопствено) го материјализира во книги, а потоа и во пари. Во догледно време нема да има отворање на содржините од страна на академските институции. Во моментот кога Македонија ќе стане дел од Европската заедница, или уште со отворањето на границите, ќе мора да се натпреварува со Европските Универзитети а тоа подразбира и отворање на пристапот до материјалите.
Иако во малку различен правец, интересен е и твојот постдипломски труд работен во рамките на твоите студии на Факултетот за Бизнис Економија. Во него се фокусираш на недостатокот на системски пристап кон развивањето на лидерски и претприемачки вештини кај Македонските студенти. Кои се според тебе проблемите што резултираат од ова непосветување на внимание на овие вештини кај идните лидери на Македонија?
Лидерството и претприемништвото е потреба на секое општество да оди напред.Во Македонија во рамките на образованието сите се подготвуваат да бидат на некое работно место почнувајќи од техничари, па до директори т.е. сите се спремаат да влезат во некој веќе креиран систем. Проблемот е што таков систем не постои, или доколку постои постојано се менува, а тоа значи дека се потребни луѓе со организациони и иновативни способности кои се спремни да го менуваат системот.
Како и што кажав погоре ние преку класичното образование добиваме работници или менаџери, а во никој случај problemsolvers (решавачи на проблеми). Затоа и тешко се справуваме со промени и притисок, бидејќи кај нас работатa значи време од 9 до 5, а не остварување на резултати. Оттука недостатокот од лидери кои ќе ги организираат и мотивираат луѓето и системите и недостатокот од претприемачи кои ќе го поттикнат развојот значи постои застој во целокупното општество.
Според тебе, на какво ниво е соработка помеѓу академските институции во Македонија (државни и приватни) и бизнис заедницата? Постои ли комуникација и повратни информации со цел да се подобрат образовните програми и да се овозможи подобра квалификација на идниот кадар? Како мислиш дека може да се унапреди оваа соработка?
Единствен мост помеѓу академските институции и бизнис заедницата се Business Start-up Центрите и Бизнис Инкубаторите кои во пракса користејќи ги академските потенцијали (од формално и неформално образование) им помагаат на новите бизниси за нивен развој. Општо обратниот линк не постои т.е. програмите на образовните институции не се воопшто во корелација со потребите на бизнис секторот. Ова е причината на неквалификуваниот кадар кој што се нуди на пазарот на трудот. Јас на својот факултет учев работи кои на светот му требаа пред 30 години, а она што беше актуелно, немаше ни „а“ од него.
Оваа соработка може да се унапреди исклучиво преку формирање на задолжителна пракса за најголем дел од предметите во сите институции и постојано унапредување на образовните програми. Меѓутоа, јас мислам дека ова нема да се случи, најповеќе поради тоа што во тој случај и професорите ќе мора да „доучуваат“ и да го зголемуваат своето знаење следејќи го развојот во нивниот сектор, а тоа е претешко за нив и за нивните катедри и фотелји :).
На крај, сакам да ги охрабрам сите млади луѓе да продолжат со својата едукација, бидејќи „човекот учи додека дише“. Денеска никој не смее да си го дозволи луксузот да не се едуцира, бидејќи тоа може да го чини прескапо.
Игор, ти благодарам што беше гостин во ЕдуМуабети.